Позади секоја одлука и инвестиција стои внимателна, темелна аналитика и истражување

1886

Цели три децении Гемак, како стратешки партнер на едни од најпродаваните светски брендови на алкохолни и безалкохолни пијалаци, тутун, кафе, храна и непрехранбени производи, претставува лидер на пазарот за увоз и дистрибуција на широка палета на премиум брендови кои ги задоволуваат вкусовите на милиони луѓе ширум светот. За експанзијата на групацијата во нова индустрија, предизвиците, корпоративната култура на компанијата разговаравме со Душан Марковиќ, корпоративен маркетинг директор на Гемак.

Бизнис Инфо: Речиси неполни 30 години, Гемак постигнува успех создавајќи бројни компании од различни индустрии во Македонија, Албанија и Косово. Три децении постоење на пазарот е еден солиден јубилеј за нашиот пазар, кои фактори се пресудни пред сè за одржување и доверба на клиентите?

Цели три децении Гемак, како стратешки партнер на едни од најпродаваните светски брендови на алкохолни и безалкохолни пијалаци, тутун, кафе, храна и непрехранбени производи, претставува лидер на пазарот за увоз и дистрибуција на широка палета на премиум брендови кои ги задоволуваат вкусовите на милиони луѓе ширум светот.

Во постојан чекор со пазарните трендови, прилагодувајќи се на потребите на потрошувачите, Гемак посветено работи на унапредување на својата широко-распространета дистрибутивна мрежа која денеска покрива повеќе од 95% од територијата на земјата, но и на современи решенија со цел што поголема достапност на своите производи. Токму во овој контекст на пример, во изминатиот период Гемак интензивно работеше на развој на својата онлајн продавница која на потрошувачите значително ќе им го олесни пазарувањето на производите од нашето богато портфолио.

Во 2014-та Гемак отвари едно ново поглавје. Отворен е еден од најмодерните станбено – деловни комплекси Парк резиденс во Скопје, потоа Парк Хотел и Спа, хотел со 5 ѕвезди, а минатата година и Next Door Park Hotel, хотел со 4 ѕвезди. Оваа експанзија на групацијата во нова индустрија секако не е случајна. Позади секоја одлука и инвестиција стои внимателна, темелна аналитика и истражување, тим кој внимателно и аналитички ја обсервира ситуацијата, пазарот, можностите и потенцијалите, пред сè слушајќи го гласот на оние кои ни се секогаш приоритет – нашите корисници и гости. Отворањето на Парк резиденс комплексот, па потоа и процесот на создавање на Parkland Hospitality Group, беше многу поразлично во делот на градење на корпоративниот имиџ и бренд, токму затоа што беше под капата на Гемак, а Гемак веќе одамна ја имаше стекнато довербата и препознатливоста кај сите групи и сегменти, доверба која тогаш повторно како и секогаш беше предизвикана на некој начин со ширењето на своите бизниси. Пријателите на Гемак станаа пријатели и на Парк Резиденс, хотелите, рестораните Four & Brick Eat, Fitness & Spа Park центарот итн. Стабилноста, искуството и докажаниот професионализам во претходните децении си го направија своето и сега сме среќни што нашите основни начела за иновација, храброст и интегритет се веќе длабоко препознатливи и вкоренети во перцепцијата и на пазарот и на нашите конзументи.

Бизнис Инфо: Гемак е позната како општествено одговорна компанија и добитник на многу признанија и награди. По што се разликува корпоративната култура на Гемак од онаа на останатите компании?

Општествената одговорност и корпоративна култура треба да биде дел од мајндсетот на секоја компанија и тоа како природен процес, а не состојба на натпревар.
Среќен сум што во изминативе години успеавме да помогнеме на многу загрозени категории, семејства и деца… уште од самиот почеток нашите сопственици ни наметнаа една семејна култура каде што е сосема нормално и природно да се дава онаму каде што е најпотребно, да се прави профит, но и да се дели истиот со заедницата. Тоа е впрочем win win системот на еден колектив и општество. Голем дел од нашите донации не милуваме да ги објавуваме јавно, доволно е што знаеме дека некому сме му овозможиле егзистенција, подобар живот, посреќни детски денови…Јавните споделувања и признанија се само стимул и повик до сите други бизнис ентитети да го следат истиот пример.

Бизнис Инфо: Две децении сте во маркетинг светот. Започнавте во маркетинг агенција, па во маркетинг оддел на мобилен оператор, што беше пресудно за да ја продолжите кариерата во Гемак и што е поразлично од другите компании?

Мотивот да преминам во Гемак е основната суштина на мојот карактер кој постојано има порив за самопронаоѓање, за учење, за истражување и надградување. По седум години во маркетинг агенција осетив потреба да преминам од другата страна на релацијата клиент – агенција, по десет години во телеком индустријата колку и да е таа технолошки напредна и инспиративна почувствував потреба за промена во друга индустрија. На моја среќа Гемак во тоа време беше во голема инвестициска и развојна фаза и беше во потрага на менаџери кои не само што требаше да допринесат во развојот на добро познатиот и веќе докажан сопствен бренд како компанија, туку ќе се справат и со предизвиците коишто отворија ново поглавје во групацијата во една сосема нова индустрија дотогаш  – хоспиталити.

Она што е поразлично во Гемак е што кај нас работите, идеите и плановите се случуваат буквално од еден најобичен состанок, со сопствениците, менаџментот, тимот… си ги испитуваме границите, можностите, си ги споделуваме идеите, кај нас важи правилото дека лоши идеи не постојат… и сето тоа се докажало како успешно. Бездруго, гранките во кои сме длабоко втемелени и ги работиме како лидери, се доказ за тоа.

Ние учиме од грешките, се надополнуваме, ги користиме за подобар инпут во следните проекти и предизвици… кај нас работата никогаш не е досадна и е максимално динамична. Нема лимити и ограничувања… навистина е предизвик, на пример додека излегло ова интервју, ние веќе сме влегле во нов поход и нови освојувања… Навистина имаме широки очекувања и од компанијата и од самите себе, визијата ни е широко распространета, а пасијата и мотивацијата е секогаш на највисоко ниво.

Бизнис Инфо: Периодот во којшто ја започнавте приказната со Гемак беше период кога компанијата се ширеше, што беше најлесно, а што најтешко тој период?

Ништо не е лесно и едноставно, дури ни најобичните дневни задачи. Ширењето на бизнисот и дејностите можеби е најтежок период, затоа што одговорноста е поголема да се услужат на идентичен начин сите конзументи, да се задржат истите стандарди, да се одржи стекнатата доверба…

Најтешкото беше да ги пронајдеме правите состојки и капацитети кај луѓето, односно да формираме тимови на различни нивоа, кои ќе бидат подготвени да ги истрчаат големите предизвици, искушенија, да паднат понекогаш, но и да знаат како брзо да продолжат понатаму вадејќи лекција за подобро.

Бизнис Инфо: Според ваше мислење, кои се новите трендови во областа на адвертајзингот и ПР-от?

Covid 19 го направи најголемиот disrupt на економијата познат на човештвото досега, дел од последиците од овој настан ги гледаме веќе, допрва ќе видиме иднината што ќе ни донесе, а јас се надевам дека ќе биде тоа еден подобар и похуман свет, секако дигитално едуциран повеќе отколку досега.
Сметам дека ПР индустријата ќе се подигне малку побрзо за разлика од маркетингот по овој економски glitch, посебно затоа што компаниите ќе имаат потреба од дигитални ПР експерти кои ќе им помогнат да се справат со одржување на репутацијата на нивните имиџи во новонастанатите услови, големите компании ќе имаат потреба и од комуникациски експерти за интерна комуникација и мотивација на своите вработени итн.

Пандемијата ги промени навиките на купувачите и тие сега трошат многу повеќе онлајн и ги менуваат своите досега вообичаени начини на купување на само место во продавница face to face. Со тоа сметам дека сè повеќе компании ќе бидат приморани да почнат да го применуваат direct to consumers (D2C) пристапот главно преку онлајн каналите и со тоа ќе почнат да го рекреираат досегашното вообичаено и познато искуство на купувачите, online. Тоа ќе биде вистински предизвик за маркетинг и ПР индустрија каде од експертите ќе се бараат многу вештини и импровизации, а content marketing-от кој пред пандемијата изгледаше поразен од моќта и ефектите кои ги наметна медиа buying адвертајзнгот во дигиталниот свет, сега повторно доаѓа до израз.

Секако многу побитна ќе е стратегијата на една компанија, отколку самите трендови: правилното позиционирање, тајмингот, ниша сегментите, содржината што се пласира за секоја публика… персонализиран пристап за секоја публика.

Бизнис Инфо: Добитник сте на престижното признание PRO PR GLOBE AWARDS, што за вас значи ова признание?

Признанијата се секогаш добредојдени, да не пропагираме лажна скромност. Но многу е важно да се искористат не толку во самопромоција, колку во давање пример на останатите кои го градат истиот – вашиот пат, како да бидат и да бидеме подобри, не само како професионалци, туку како луѓе, членови на тимот и дел од истата заедница.

Бизнис Инфо: Инспиративна мисла, бизнис совет по кој се водите?

Do. Or do not. There is no try. – Yoda