Познат милијардер не го менува ставот: Подобро да имам банани отколку биткоин

247

Биткоинот оваа година достигна тројно повисока вредност, но милијардерот Марк Кубан останува претпазлив во врска со криптовалутите, како што беше и години наназад.

“Не сум променил мислење“, рече Кубан коментирајќи го скокот на биткоинот, десет дена пред оваа криптовалута да достигне рекордни вредности.

Биткоинот, вели Кубан, е “залиха на вредност“ што повеќе е верба одошто решение на некој проблем. Тој или било која криптовалута, тврди познатиот инвеститор, нема да замени валута што ја поддржува владата.

“Без оглед колку поддржувачите да се преправаат дека тоа е заштита од сценариото на судниот ден, не е. Државите ќе преземат чекори за заштита на своите валути и својата способност за оданочување, па што повеќе луѓе веруваат дека во прашање е сериозно решение, тоа е поголем ризик од владина интервенција“, истакна Кубан.

Иако и самиот во минатото има вложувано во компании што се изградени на криптовалути, па дури и во биткоин, честопати предупредува дека станува збор за коцкање за што додава дека треба да сте подготвени и за загуба на вложените пари.

Кубан претходно изјави дека “повеќе би сакал да имам банани отколку биткоин“, бидејќи како храна, бананите имаат суштинска вредност. Таквиот став го повтори и сега.

“Биткоинот е тоа што е. Нешто за што многу луѓе се сложија дека е имот за инвестирање. Но, од бананата има повеќе придобивки, калиумот е драгоцена хранлива состојка за секоја личност на планетата“, вели Кубан.

За крај порачува дека биткоинот треба да биде толку едноставен да може баба да го користи за да има некаква вредност.

Фото: Twitter