Една од најубавите плажи во светот, Навагио на грчкиот остров Закинтос, годинава ќе биде затворена за посетители поради опасност од лизгање на земјиштето, најавија грчките власти. Туристите, пак, ќе можат да ја видат, односно да го погледнат бродоломот и да уживаат во пливањето, но само од безбедно растојание од морето.
Грчкиот професор по сеизмологија Ефтимиос Лекас за ТВ Мега изјави дека и по обилни врнежи или земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала, постои можност од лизгање на земјиштето на плажата, поради што неговиот тим во соработка со релевантните министерствата и надлежните служби, предложија затворање на плажата и во текот на оваа летна сезона.
Во својство на претседател на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита (ОАСП), Лекас беше еден од оние кои предложија затворање на плажата Навагио на Закинтос од безбедносни причини.
Тимот експерти на ОАСП, на чело со проф. Лекас, откри висок ризик од лизгање на земјиштето поради ерозија во карпестите делови на плажата.
„Навагио е една од најпознатите плажи во светот. Тоа е плажа на која се собираат туристи, но и плажа која поради својата природна убавина е и опасна. Човек е секогаш меѓусебно поврзан: каде што има убавина, има и опасност“, изјави тој за ТВ Мега.