Познати модни брендови бараат огромни попусти од фабриките во Бангладеш

188

Познати модни брендови одлучија да не ги откажат нарачките поради пандемијата на коронавирусот, но бараат 50% попуст од текстилните фабрики во Бангладеш, пишува Reuters.

Милиони семејства во Бангладеш зависат од овој сектор, којшто е силно погоден од пандемијата. Извозот е намален за 84%, а во првата половина од април се откажани нарачки во вредност од три милијарди долари.

Инаку, Бангладеш е втор добавувач на облека во светот за земјите од западна Европа, веднаш зад Кина. Во оваа земја има околу 4.000 фабрики што вработуваат околу четири милиони лица, најмногу жени.

“Уште ги пресметуваме отстапките од првичните услови на договорите… што вклучуваат преговори околу цените и до 50% помалку од она што е претходно договорено“, вели Рубана Хук, претседателка на здружението на производители и извозници на текстил на Бангладеш.

Поради тоа што многу земји од западна Европа се борат со пандемијата, голем е бројот на затворени продавници, па брендовите почнаа да ги откажуваат нарачките иако некои имаат обврска да ги преземат веќе изработените производи.

Властите во Бангладеш минатиот месец најавија пакет мерки од 588 милиони долари за да му помогне на клучниот сектор во земјата да им исплати плати на работниците.

Фото: Pexels