Познати модни брендови во Италија поврзани со експлоатација на странски работници

Италијанските модни брендови „Патриција Пепе“ (Patrizia Pepe) и „Дикси“ (Dixie) се ставени под судска управа поради сомневање за експлоатација на странски работници во нивните синџири на снабдување во Тоскана, објавија обвинителите и извори од правосудството.

Главниот обвинител во Прато, Лука Тескароли, изјави дека станува збор за компании кои преку несериозни и несовесни подизведувачи се обидувале да ги намалат трошоците за производство, притоа не откривајќи ги нивните имиња. Правосудните извори подоцна потврдија дека станува збор токму за брендовите „Патриција Пепе“ и „Дикси“.

Компанијата што е сопственик на брендот Патриција Пепе објави дека ја прекинала соработката со тие подизведувачи пред повеќе од една година, по сопствената проверка на синџирот на снабдување, односно пред почетокот на судската истрага. Компанијата, исто така, изјави дека заштитата на достоинството и правата на работниците во сите фази од синџирот на снабдување е несомнена и дека целосно ја почитува работата на судските органи.

Во последните години, судовите во Милано презедоа слични мерки против други познати модни куќи, вклучувајќи го производителот на кашмир Лоро Пијана, во сопственост на францускиот луксузен гигант LVMH, и делови од модните куќи Валентино и Џорџо Армани. Ова го зголеми притисокот врз целата италијанска модна индустрија за подобрување на условите за работа.

Судската администрација вклучува назначување надворешни администратори кои ќе проверат дали Патриција Пепе и Дикси ги спроведуваат мерките наредени од судиите за чистење на нивните синџири на снабдување. Сепак, не се спроведува кривична истрага против тие две компании, објавува Хина.

Судот во Фиренца ги критикуваше компаниите за тоа што не презеле соодветни мерки или не ги надгледувале подизведувачите кои ги експлоатирале работниците од Бангладеш и Албанија, рече Тескароли.

Работниците биле слабо платени, принудени да работат прекувремено, им биле одбиени годишни одмори и биле изложени на постојано вознемирување и злоупотреба, рече обвинителот, додавајќи дека 18 работници кои соработувале со истражителите ќе добијат дозволи за престој во Италија.

Тескароли истакна дека ова е прв случај на експлоатација на работници во Пратo во кој биле вклучени албански подизведувачи, а кои користеле методи досега карактеристични за нелегални работилници во сопственост на Кинези.