
Според последните гласини, неговото лансирање го очекуваме во втората половина на следната година.
Иако уредите на Apple со флексибилни екрани се споменуваат со години, овие гласини се интензивираа во последните месеци. Познато е дека оваа компанија не сакаше да избрзува со своите први телефони на преклопување сè додека технологијата, особено екраните не се усоврши. До лани овој пазар рапидно растеше, но тогаш побарувачката за флексибилни телефони значително се намали, а истите прогнози се и за оваа година.
Но, според некои претходни предвидувања на аналитичарите, следната година повторно би требало да се случи нова промена и голем пораст на продажбата на овој тип на уреди, а главната причина за тоа би требало да биде флексибилниот iPhone. Оваа недела беа објавени нови гласини кои ги потврдуваат претходните предвидувања дека iPhone Fold (или како и да се вика телефонот) ќе се појави во втората половина на 2026 година.
Според податоците на ET News од Јужна Кореја, Apple до април оваа година треба да има дефинирана листа на добавувачи на компоненти, од која потоа треба да ги изберат најдобрите, т.е. оние за кои веруваат дека можат навреме да испорачаат компоненти со највисок квалитет.
Што се однесува до конкретни детали за самиот уред, ниту еден извор досега, вклучително и ET News, сè уште не обезбедил информации за големината на екранот, хардверот или какви било други специфични карактеристики. Она што е познато е дека тоа ќе биде телефон што ќе се отвора како книга, што значи дека ќе се натпреварува на пазарот со телефони како Galaxy Z Fold на Samsung. Некои претходни гласини велеа дека Apple бил поблиску до идејата за телефон на преклоп како што е Flip, но се чини дека тие се предомислиле.
Совршен екран на преклопување?
Samsung треба да биде одговорен за производство на екранот, Corning за неговата заштита, додека американската компанија Amphenol треба да биде одговорна за шарките на екранот. Се очекува екранот да нема видлива бразда каде што се преклопува – нешто што досега се покажа како голем предизвик за производителите на телефони на преклопување, иако Oppo со својот неодамнешен модел покажа дека е можно да се направи речиси совршен екран на преклопување.
Со оглед на тоа дека овој телефон се очекува да се појави на пазарот следната година, очекуваме повеќе гласини за iPhone Fold во наредните месеци, кој очигледно ќе биде најскапиот телефон на Apple досега. Компанијата минатата недела претстави нов модел од најевтината серија (иако неговата цена сега е зголемена на прилично големи 599 долари), а иако цената на најскапиот модел сè уште не е позната, не треба да нè чуди ако надмине 2.000 долари, пренесува Зимо.