Правило седум дена: Еве како оваа навика ќе ви помогне да заштедите

56

Заштедувањето пари не е лесно, особено ако имате ограничен приход и големи фиксни трошоци. Но, понекогаш навистина трошиме повеќе отколку што треба, односно на работи за кои подоцна се каеме.

Некој сака да ужива секој ден и брзо да потроши се да заработи, додека други луѓе сепак подобро се чувствуваат кога имаат одредена сума на пари “на страна“ или што би рекле “за црни денови“. Овие, секогаш мислат однапред и не сакаат да се чувствуваат беспомошно во било која непредвидена ситуација. Тоа е за пофалба, но од друга страна, таквите луѓе помалку уживаат и никогаш не се опуштени во целост, па често се запрашуваат дали добро постапуваат со тоа што штедат.

Другиот вид на луѓе е токму спротивен. Тие не мислат за утре, туку секој ден живеат како да им е последен. Колку ова да звучи како одличен начин на живот, таквите луѓе често не знаат да управуваат со парите, речиси секогаш се задолжуваат, а кога ќе им се случат некои ситуации кои не ги очекувале, не знаат како да се извадат, па се во ситуација да позајмуваат пари, по што настануваат проблемите.

Доколку спаѓате во оваа група, за да избегнете вакви ситуации, можеби би требало да го примените – правилото седум дена.

За што станува збор? Оваа стратегија го штити купувачот од импулсивно купување, а принципот е многу едноставен: дајте си себеси “период да ја оладите главата“, односно почекајте седум дена пред да купите нешто, за да бидете сигурни дека тој производ навистина ви е потребен. Ова второто е клучно.

Суштината е да не ве понесе возбудата во даден момент и да не купите нешто поради што ќе се каете, било да станува збор на нов телефон, чевли, патување. Луѓето најлесно трошат во “мирна состојба“, кога имаат редовни примања, а немаат некои особени давачки.

Често се појавува чувството дека некаде треба да потрошиме пари. Дури кога ќе се соочиме со реална криза, сфаќаме дека во минатото сме купувале нешто што не било неопходно. Често се случува и да купиме нешто што не е есенцијално, дури и нешто што не ни се допаѓа.

По седум дена поставете си го на себе прашањето: Дали се чувствувам исто во врска со производот?

Ако желбата е уште тука и неговата цена одговара на вашиот домашен буџет, нарачајте го производот. Не е поентата ништо да не купите, туку да направите паметна селекција на она што навистина сакате и она што ви е потребно и на тој начин да успеете да заштедите за ситуации во кои парите ќе ви бидат од големо значење.

Фото: Pixаbay