Попусти од 10%, 20%, 30% во многу хотели на Јадранот. Сето тоа повеќе потсетува на мај или октомври, отколку на шпицот на сезоната. Бројните попусти на сместување во екот на сезоната потврдуваат дека оваа туристичка сезона не е како претходната. Општо годината е тешка и послаба, а дека има помалку туристи може да се види и по бројките од прометот на граничните премини, кои се послаби од оние лани во истово време, пишува Нови лист.
Марио Јантол, претседател на Управата на Хотели Башка (Крк), зборувајќи за состојбата на пазарот укажа дека тоа што практично сите хотелиери на Јадранот имаат last –minute акции говори колку е тешка годината.
“Кај нас конкретно е многу полошо отколку лани. Гледано дневно, наместо минатогодишните 90%, знаеме да бидеме исполнети до 75%. Според мене најголем проблем е што нема никакви сигнали дека ситуацијата ќе се смени”, вели Јантол и додава дека хотелиерите се само една алка во синџирот, важни се атрактивноста на целокупната дестинација и нејзината конкурентност.
“Често забораваме дека гостинот што доаѓа во Хрватска мора да потроши 200 евра на патарини, траект, мостарина, паркинг. Сите гледаат само на цената на хотелската соба. Не може да се каже дека е конкурентна цената од 20 евра на ден за лежалка и чадор за сонце, додека хотелска соба со полупансион чини 60 евра. Поради тоа гостите одат за Египет, Грција или Турција. Во Турција нема да платата за лежалка”, вели Јантол за Нови лист.