Предизвици за претворање на една идеја во бизнис

226

img_20170421_174329

Како една идеја да се претвори во одржлив бизнис е предизвикот со којшто се соочуваат голем број претприемачи кои сакаат да се изборат за свое место на пазарот. За да може да се реализира една добра идеја, финансиите не се единствениот и главниот проблем, беше заклучокот од панел дискусијата што се одржа во ЦЕЕД Хаб Скопје.

“Финансиите не се главниот проблем за развој на еден старт – ап. Зависи колку пари барате, може да се адаптирате на потребите на пазарот. Постојат други предизвици како стартапите да го најдат соодветниот потенцијален инвеститор (cofounder). Важна е и едукацијата за да може да си ја кристализираат идејата и неопходно е поголемо вмрежување на регионално ниво“, изјави Ева Пиперевска, претставник од Start – up Macedonia.

Според Наташа Лазаровска од Фондот за иновации и технолошки развој, порано важело правилото дека финансиите се проблем за развој на една идеја и нејзино трансформирање во бизнис, но повеќе не е така.

“За една иновативна идеја најважно е да подготви квалитетен бизнис план, со којшто ќе се претстави како идејата да се претвори во бизнис“, смета Лазаровска, којашто додава дека претприемачите во својот фокус мора да го имаат квалитетот на имплементација на она што го замислиле.

За Блага Лазаров, соосновач на Ozzi Pie – старт – ап што е дел од акцелераторската програма на ЦЕЕД Хаб Скопје, најважно за еден бизнис е вмрежувањето. Таа смета дека на тој начин се создаваат контакти кои се многу важни за развој на бизнисот.

“Секоја фаза од развојот на еден старт – ап (од развој на идејата до самодржлив бизнис) има потреба од различни видови на услуги“, вели Игор Маџов, претставник на South Central Ventures, кој додава дека успехот на стартапот зависи од тоа колку тимот е спремен идејата да ја донесе до нејзина целосна реализација.

Оваа панел дискусија е дел од настаните што се организираат во ЦЕЕД Хаб Скопје во рамки на бесплатниот месец на coworking.