Вип оператор во соработка со Самсунг, Еферио и ПСМ Фондација, го отворија новиот Предизвик за програмерите за создавање на нови иновативни апликации кои ќе имаат локална примена и ќе го збогатат македонскиот свет на Android апликации.
Ова е втор по ред Android предизвик кој Вип го организира за развој на локално применливи апликации, а новината која денес е презентирана е тоа што за првпат во Македонија отворена е Vip Store, продавница за мобилни апликации која ќе им овозможи на програмерите да ги ставаат, продаваат и заработуваат од секое превземање на своите апликации. Дополнително, за креирање на уште подобри апликации, се организира едукативен дел составен од бреинсторм сесии, обуки за програмерски и деловни вештини, како и размена на искуства од страна на еминентни веќе признати програмери од земјава и од странство.
“Целта на ПСМ е да се привлечат младите кои се иновативни, кои имаат просперитетни идеи, да им се обезбеди соодветна обука во насока на подобрување на нивните бизнис компетенции за тие да формираат нови компании кои ќе бидат конкурентни на пазарот. Ова е само уште еден чекор на тимот на ПСМ Фондација кон исполнување на својата мисија. На наше големо задоволство се вклучивме во оваа едукативна компонента од настанот, да ги „предизвикаме“ креативните умови, да им помогнеме во кристализирањето на нивните идеи и да ги водиме низ процесот на изработката на квалитетни мобилни апликации со локален карактер. Конечниот резултат би биле нови Android апликации, зајакнување на Android заедницата во Македонија, како и нови бизнис иницијативи од страна на млади луѓе, кои ќе бидат идни креатори на работни места”, изјавуваат од ПСМ Фондацијата.
Со цел поттикнување на иновативноста и креативноста во Македонија, Вип оператор, распишува конкурс „Vip Македонски предизвик„. Преку овој Конкурс, Вип оператор, ги „предизвикува“ сите поединци, компании, студенти, ученици, универзитети и групи да креираат апликации кои ќе бидат наманети за паметните телефони кои работат на Android платформа. Сите заинтересирани учесници ќе треба да изработат оригинална и иновативна апликација која ќе има локална примена. Учесниците во предизвикот ќе можат да учествуваат со повеќе од една апликација и секоја од нив има можност за победа.
“Иновативноста е во нашата ДНК. Први на македонскиот пазар им понудивме на корисниците „паметни телефони“ и таблет компјутери кои работат на Android платформата, го организиравме првиот Android предизвик и сега нашата определба да бидеме технолошки лидери ја докажуваме и во делот на создавање на првата Vip Store, продавница за мобилни апликации во Македонија. На нашата нова 3Г ХСПА+ мрежа, користењето и симнувањето на сите апликации верувам дека ќе им донесе вистинско задоволство на нашите корисници, дотолку повеќе што бројот на корисници на “паметни телефони” се повеќе расте, а користењето на оригинални локални апликации во голема мера ќе им го олесни животот и работата на нашите корисници”, изјави Никола Љушев, Генерален извршен директор на Вип оператор.
Изборот на победничките апликации ќе биде направен од страна на стучно жири. Главната награда за победничката апликација ќе биде 5.000 евра, премиум договор за поделба на приход од 90% за програмерот, бесплатна промоција на апликацијата од страна на Вип оператор во период од 12 месеци и Samsung Galaxy Note 10.1. Ќе бидат доделени и 4 други награди за најкорисна апликација, најиновативна апликација, најпопуларна апликација и дебитант на предизвикот, кои добиваат договор за поделба на приход од 80% за програмерот, бесплатна промоција на апликацијата од страна на Вип оператор во период од 3 месеци и Samsung Galaxy SIII.
Сите апликации ќе бидат достапни за симнување од Вип продавница за мобилни апликации (Vip Store), по доставувањето на финалните апликации од страна на програмерите на 13 ноември оваа година.
“Иако глобалниот бум на паметни уреди е во полн ек, понудата на локални апликации ширум светот е на релативно ниско ниво. Поради тоа сметаме дека вистинската вредност на новите уреди може да се искуси само преку богат асортиман на апликации со кои ќе се унапреди деловниот и приватниот живот и комуникација. Во Македонија има многу талент кој со нашата заедничка поддршка се надеваме дека ќе вроди со успех и вредни апликации за зголемено задоволство на македонските корисници. Понатаму, се надеваме на успешните авторски компании и поединци кои ќе развијат интересни апликации да им помогнеме успесите да ги пренесат на нови локални пазари”, изјави Никола Ѓеорѓиев, оперативен директор на Еферио.
Корисниците на Вип ќе имаат можност да ги инсталираат овие апликации на својот телефонски апарат кој работи на Android платформа, со што на едно место ќе ги имаат сите корисни локални апликации. Симнувањето на апликациите може да биде бесплатно или преку наплата директно од самиот телефон, во зависност од типот на апликација и цената која ќе ја одреди самиот програмер.
За пријавување на „Vip Македонскиот предизвик“, како и за сите дополнителни информации заинтересираните програмери можат да ги најдат на http://android.vip.mk. Конкурсот е отворен од 13 септември до 13 ноември 2012 година. Финалистите ќе бидат прогласени на крајот на ноември.
Вип оператор освен што прв понуди на македонскиот пазар телефони со Android оперативен систем, прв понуди на пазарот Android таблет, го организираше првиот Android предизвик во Македонија, со отварањето на првата продавница за мобилни апликации во Македонија, со својата нова 3G HSPA+ мрежа, продолжува да ги поттикнува и развива иновациите и да нуди услуги по најповолни цени.