Предлог буџетот за 2025 оди во Собрание, Димитриеска-Кочоска најавува раст темелен на реални инвестиции

28

Предлог-буџетот за 2025 година, којшто денеска треба да биде доставен до Собранието, содржи нови промени во планирањето и реализацијата на капиталните расходи. Тие се планирани на 50,6 милијарди денари, коишто значат средства за проекти, а не за трансфери со кои се покриваат други трошоци. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска на средба со новинарите.

– Со Предлог-буџетот за 2025 година се проектирани 50,6 милијарди денари за  капитални инвестиции. Покрај проектите поврзани со коридорите 8 и 10д, и проектите на општините,  приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспортот во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи и слично. Исто така во образованиение се планирани, покрај реконструкција на студентските домови, и доизградба на училишта и спортски сали, за кои  се преговара”, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Споделувајќи податоци за реализација на капиталните инвестиции во претходните години, рече дека тие не изнесувале реално повеќе од 15 милијарди денари, бидејќи трансферите се прикажувале како капитални расходи, а дополнително имало и слаба реализација на проектите коишто биле планирани. Тоа, како што додаде, резултираше со ниски стапки на раст во минатото.

„Таквата политика ја менуваме и ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции. Во Предлог-буџетот за 2025 година тоа се менува и она што се капиталните расходи се реални инвестиции. Трансфери кон ЕСМ нема. Трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки“, рече министерката.

Наведе дека со Предлог-буџетот дефицит е планиран на ниво од 4% од БДП, дека се планирани повеќе средства за исплата на плати, пензии, здравствена заштита, социјални надоместоци и слично.

Таа информираше дека со деловните банки во тек се разговори за пласирање на планираните 250 милиони евра од унгарскиот заем поволни средства кон компаниите и дека делот за висината на камата е затворен, односно таа ќе биде на 3,25%. Продолжуваат разговорите во утврдување на условите за рокот на отплата.