Предмет и ризици на осигурувањето во земјоделството

234

Што ќе биде предмет на осигурувањето зависи, пред сè, од дејноста што ја врши земјоделецот и земјоделските култури кои ги одгледува. Земјоделецот, имајќи ги предвид ризиците кои претставуваат опасност за неговото производство, може во договор со осигурувачот да избере кои култури, во која количина и во кој временски период ќе бидат осигурени.

Поточно, ако земјоделецот одгледува коноп – стебло за производство на семе, може да се осигура само семето. Но, доколку посебно се договори осигурувањето, може да го опфати и стеблото. Доколку земјоделецот произведува тутун, може да биде осигуран листот на тутунот од денот на расадување на тутунот, па до завршување на бербата, а најдоцна до крајниот рок за откуп на тутунот. Но, доколку се произведува за семе тогаш дополнително може да се договори и осигурување за семето. Земјоделецот кој одгледува овошни насади (овоштарници) и лозја во род, кај овошјето може да го осигура стеблото, а кај лозјата пенушките.

Кои ризици ќе бидат покриени со полисата за осигурување, зависи пред сè од потребата на земјоделецот. Во договор со осигурувачот може да се договори осигурително покритие кое е најсоодветно за земјоделецот. На пример, може да се договори осигурително покритие со кое осигурувачот ќе биде во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите предизвикани со оштетување или уништување на осигурените посеви и плодови, во услови кога плодовите се неожнеани, односно несобрани, од еден или комбинација на следните ризици: град, мраз, пожар, гром, луња, поплава, снег и др.

Осигурувачот ќе биде во обврска да плати надоместок за осигурување за штети кои ќе настанат со загуба на квалитет кај посевите и плодовите за производство на семе, овошје, од еден или комбинација на следните ризици: град, мраз, пожар, гром, луња, поплава, снег и др.

Исто така, осигурувачот ќе биде во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите кои се опфатени со осигурување на тутун од еден или комбинација на следните ризици: град, пожар, гром, луња, поплава, снег, мраз и др.

Фото: Pexels