Предностите за инвестирање во Македонија потврдени во Детроит

24

На првиот ден од економската презентација во САД, премиерот Никола Груевски заедно со владиниот тим, ги презентираа предностите за инвестирање во Македонија пред околу 60 компании од автомобилската индустрија во Детроит.

Помеѓу големите имиња кои изнесоа свои видувања за македонската бизнис клима беа првиот човек на канадскиот гигант Нортел и основач на проектот Македонија 2025 Мајк Зафировски, претставници на компаниите присутни со свои инвестиции во Македонија, Кемет електроникс и Џонсон Контролс од Америка, како и Џонсон Мети од В. Британија.

Според Зафировски секоја наредна презентација за Македонија нуди поголема софистицираност на предлози и подобрените референци од компаниите како Џонсон Контролс и Џонсон Мети ја прават поатрактивна за инвестирање.

“Бев многу импресиониран од оваа конференција, петта во последните пет години, каде нивото на софистицираност на нашите предлози значително се зголеми. Но, исто така, е добро да се види дека референците од Џонсон Контролс и Џонсон Мети се подобрени што ја прави Македонија поатрактивна за инвестирање”, истакна Зафировски.

Неповолната економската состојбата на Европа, според него, и дава можност на Македонија да привлече инвеститори. Од големо значење е да се биде на локација што не нуди само ниски трошоци, туку и ги задоволува деловните потреби на компаниите.

Втората економска презентација на македонскиот владин тим оваа година во САД, ќе се одржи во Хјустон, по што ќе следат и претставувања на предностите за инвестирање во Македонија во Лос Анџелес и во Сиетл.