Преку Коузон во потрага по идеи, знаење и заработка

107
dsc_0271
Зоран Кочоски, сопственик на Коузон

Минимална плата на брод е 700 долари, а за оние што одат прв пат, максималната месечна плата е 4.000 долари. Нормално, секоја плата со текот на годините расте, па оној што почнал со 700, сигурно за неколку години ќе дојде до 2.500 – 3.000 долари.

БИ: Kорпорацијата Коузон e прва македонска агенција која посредува за работа на брод. Кои други услуги ги нудите?

Коузон е формирана во 1997 година и сега работиме во 12 држави. Можам да кажам дека од сите 12 држави, регионот на Балканот е најмногу застапен со вработувања, но Коузон е активен и на други континенти, во Турција, Катар, а сега почнавме со активности и во Северна Африка, односно имаме мобилна канцеларија во Тунис. Идејата е да се прошириме уште и на Романија и Украина и во подготовки сме да отвориме канцеларија во Прага.

Концептот на Коузон е да биде агенција на младата генерација, млада популација од 7 до 45 години, во смисол на можностите што ги нудиме. Концепциски гледано, за најмладата генерација ги имаме летните кампови, како оној во Грција што го форсираме периодов, којшто пред се е спортско едукативен камп со 22 спорта. Потоа имаме посебен оддел во Коузон кој развива летни курсеви и школување во странство, имаме дел кој се однесува на активна студентска пракса од областа за која се школуваат или т.н. работни програми, како што се Work and Travel, Internship and Practical Training и потоа имаме уште дел што се однесува на вработувањето и обуките за угостителската индустрија. Со сигурност можам да кажам дека Коузон во делот на вработувања во угостителската индустрија е број еден агенција во Македонија во моментов, можеби и во Европа, затоа што ги претставуваме најголемите компании, компании кои имаат висок рејтинг и се најдобри во тој свет. Тука ќе ги споменам Royal Caribbean, Celebrity Cruises,
Azamara Club Cruises, најголемата шпанска компанија Pullmantur Cruises, MSC, Princess Cruises, Norwegian Cruise Line и уште многу други. Освен работата на брод, во последниве три години се актуелни и вработувањата на Блискиот Исток, односно Катар и Дубаи, каде што кандидатите имаат извонредна можност за градење на кариера во реномирани компании. Морам да напоменам дека Коузон не е агенција за вработување, Коузон е агенција за посредување при вработување, но како агенција за регрутација на кадри. Ние организираме интервјуа. Организирање на интервју значи да ги споиме двете заинтересирани страни, работодавецот и барателот на работа. Нашата обврска е да бидеме медијатор. Ние не работиме на директно вработување, туку им даваме можност на кандидатите. А дали ќе ги вработат…

dsc_0212

БИ: Кои дестинации се најинтересни за младите за работа?

Младите не бираат дестинации, прашуваат каде има заработка. Вие ретко ќе најдете млад човек во Македонија кој ќе биде доволно мудар да каже “Не ми требаат пари, дајте ми можност да се докажам”. Јас можам да кажам дека во 16 години работа тоа не ми се случило. Многу млади не сакаат да работат за плати од 1.000 или 600-700 долари, едноставно не им се атрактивни. Тоа е лош предзнак дека трудот во Македонија станува преценет. Можеби не во Македонија, туку моментот кога излегувате надвор од Македонија. Вие нема да најдете човек кој ќе сака да оди доброволно на волонтерска програма заради стекнување на компетенции или знаења. Барем ние не сме имале таков. Се обидовме една година да направиме програма за волонтери, немаше никаков интерес. Затоа можам да кажам дека најинтересни програми се таму каде што се вработува најмногу, а тоа се бродовите. Бродската индустрија сама по себе е предизвик затоа што има многу бенефити кои јас редовно ги набројувам.

БИ: Кои се предностите што ги нуди работата на брод?

Од сите бенефити, пет се актуелни во секој момент. Првиот бенефит е можноста да се заработат кеш пари, затоа што нема каде да се трошат, се ви е платено, сместување, храна. Инвестирате некои пари за првото заминување, потоа компаниите се ви покриваат. Вториот бенефит безусловно е светскиот тренинг што го добивате, затоа што за да работите таму, компанијата секој ден инвестира во вас, во одредени обуки што ги прават многу често и со многу реномирани светски експерти. Третиот бенефит кој е многу атрактивен е можноста да се видат многу дестинации. Значи тоа да го плаќате, сигурно би ве чинела десетгодишна заработка во Македонија, а вие се ќе видите за неколку години и тоа бесплатно. Четвртата предност се пријателствата и на крај, петтата, можноста да се стекнат одредени идеи што и како да направите нешто понатаму во животот. Ние веќе имаме деца кои одејќи со тие бродови ширум светот виделе некаков ресторан, кафуле, купиле идеја да направат бизнис, некои направиле соработка со странски пријатели, носат одредени стоки во Македонија или нешто извезуваат од тука. Значи тие пет бенефити се неспорни. Сега тука се поставува прашањето колку младите се квалификувани за работа на брод. За жал многу малку. Можам да тврдам дека 90% од лицата кои бараат работа во угостителската индустрија немаат никакви допирни точки ни по основ на едукација ни по основ на претходно работно искуство во таа област. Тоа значи дека ние сме условени да им дадеме брза и ефикасна обука за доквалификација или преквалификација, за да можат да влезат во системот. Многу е битно да знаете како да влезете во систем. Можете да влезете на најниска можна работна позиција и таа позиција понатаму да се надградува преку унапредување.

dsc_0245

БИ: Колку се заработува на брод?

Минимална плата на брод е 700 долари, а за оние што одат прв пат, максималната месечна плата е 4.000 долари. Нормално, секоја плата со текот на годините расте, па оној што почнал со 700, сигурно за неколку години ќе дојде до 2.500 – 3.000 долари.

БИ: Имате повратни информации колку работодавците се задоволни од македонските кандидати?

Има неколку моменти, некаде се задоволни, некаде не се. Лошото е тоа што некои праќаат неподготвен кадар, се обидуваат да ги протуркаат кандидатите на мала врата. Ние правиме многу сериозна селекција и подготовка, затоа што колку добриот работник е амбасадор за Македонија и ја презентира Македонија во добро светло, десет пати полош е фидбекот од лошиот кандидат. Значи еден кандидат може да затвори цела држава. Светот не сака расправија. Не, ставаат граница. Можеш да дојдеш како турист, никако поинаку. Кој сака да има проблеми? Никој.

dsc_0213

БИ: Колку млади годишно заминуваат од Македонија на работа по овие програми?

Има интерес, но според бројката на невработени лица и на потенцијалот, бројката на оние што заминуваат не е голема. Од Македонија годишно заминуваат некаде околу 600 млади за работа на брод и тоа зборувам за сите, не само преку Коузон. Тоа процентуално е многу малку. По сите програми, работа на брод, на Блискиот Исток, некакви студентски програми, не би рекол дека се повеќе од 4.000 лица на годишно ниво. Сакам да упатам една порака што ја кажувам секогаш кога имам можност. Ние сите по некој основ сме локал патриоти. Локал патриотизмот е добро да се развива, но во 21 век кога светот е глобално село, да се зборува дека ќе страдаме затоа што младината ќе замине и дека треба да направиме напори да ги задржиме тука е најголемата грешка што може да се направи. Подобро е да ги оставите младите да видат колку можат, колку вредат и да се вратат назад со идеи, знаења и со пари, тоа е иднината на оваа држава. Колку повеќе можат да излегуваат времено, толку подобро.

БИ: На што планирате да се фокусирате во иднина?

Во иднина сакаме да отвориме Академија за угостителската индустрија, бидејќи и покрај неколкуте универзитети кои имаат факултети за туризам и угостителство, нивото на едукација не е според светските стандарди. Работејќи за најдобрите брендови од оваа индустрија во светот веќе стекнавме издржано знаење за тоа што се бара во таа индустрија и како треба да се подготват идни вработени.