Преку МСИП доделени средства за капитални проекти во девет општини

157

Преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, којшто го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, доделени се средства во износ од 176,9 милиони денари (или 2,8 милиони евра) за капитални проекти и подобрување на инфраструктурата во девет македонски општини, односно Чучер Сандево, Врапчиште, Боговиње, Тетово, Делчево, Кичево, Шуто Оризари, Македонски брод и Демир Хисар, стои во соопштението.

Денеска во Министерството за финансии беа потпишани договори со дел од овие општини во присуство на заменик министерката за финансии Ширет Елези, директорот на Светска банка за Северна Македонија Марко Мантованели и градоначалниците.

Со средствата предвидена е реконструкција на пат во Чучер Сандево, изградба на две филтер станици за вода за пиење во општина Врапчиште, набавка на механизација за јавното комунално претпријатие за општина Боговиње, изградба на булевар во Тетово, изградба на придружни и услужни објекти на градските гробишта во Делчево, изведба на кружни текови во Кичево, реконструкција на парк во Македонски брод, изградба на детско игралиште во Шуто Оризари и набавка на противпожарно возило во Демир Хисар.

Дел од средствата се заеми по исклучително ниска и поволна камата, додека дел се грант средства.

“Овие проекти ќе опслужуваат над 160.000 граѓани, во девет различни општини – како во урбани, така и во рурални предели во земјава, како во источниот и централниот, така и во западниот регион. Целта на МСИП е преку финансиска поддршка на локалните проекти да се подобрат општинските услуги и на тој начин да се подобри стандардот за живеење во општините, односно да се обезбедат подобри услови за граѓаните“, рече Ширет Елези, заменик министер за финансии.

Директорот на Светска банка за земјава Марко Мантованели, осврнувајќи се на вкупните резултати од МСИП рече дека преку проектот повеќе од 23.350 домаќинства досега се поврзани на водоводна мрежа, повеќе од половина милион луѓе имаат пристап до колекторски систем за собирање на цврст отпад, а рехабилитирани се и 150 километри локални патишта.

“Во 2009 година беше одобрен првиот Проект за подобрување на општински услуги (18,9 милиони евра), по што следеа две дополнителни финансирања: прво 37,2 милиони евра обезбедени од Светска банка во 2012 година и второ во износ од 15,5 милиони евра одобрени од Европската унија преку Претпристапниот инструмент ИПА, наменет за поддршка на инвестиции во руралните општини преку МСИП и подобрување на нивните услуги“, рече Мантованели и додаде дека дополнителни 25 милиони евра се обезбедени за вториот Проект за подобрување на општински услуги – МСИП 2.

Инаку, со средствата кои се обезбедени сега преку МСИП, во општина Чучер Сандево со заем од 46,33 милиони денари ќе се реконструираат 2,3 километри од локалниот пат Александар Урдаревски, кој е изграден во 1960 година, и се уште е во асфалтна коцка. Овој локален пат ја поврзува Општината со градот Скопје и преку автопатот Мајка Тереза со другите општини во земјата. Со негова реконструкција бенефит ќе имаат сите 8.500 граѓани на општината, бидејќи патот претставува главна сообраќајница која ја поврзува со главниот град.

Во општина Врапчиште со 30,6 милиони денари ќе се направат филтер станици на локалните водоводи во село Добри дол и село Неготино, Полошко. Преку реализација на овие проекти над 10.000 жители од селата Добри Дол, Топлица, и Неготино, вклучително единственото средно училиште во село Неготино во кое учат над 200 ученици, ќе добијат чиста и квалитетна вода за пиење.

Со заем од 24,68 милиони денари комуналното претпријатие во општина Боговиње ќе набави механизација. Набавените машини ќе придонесат за ефикасно одржување на водоснабдителните системи, континуирано одржување на улиците и патишта вклучувајќи и нивно зимско одржување, навремено чистење на речните корита и атмосферските канали, и одржување на јавната комунална чистота.

Наскоро ќе се потпише заем и со општина Тетово во износ од изнесува 60,64 милиони денари и со истиот целосно ќе се финансира проектот за изградба на булеварот Видое Смилевски Бато.

Со грант средства во износ од 4,66 милиони денари општина Кичево ќе се изврши изградба на два кружни тека и уредување на крстосниците помеѓу улиците Маршал Тито и 11-ти Септември.

Со грант од 3,12 милиони денари ќе се изврши реконструкција на парк во општина Македонски Брод, покрај мостот на реката Треска.

На општина Шуто Оризари им се доделуваат грант средства во износ од 2,79 милиони денари за изградба на детско игралиште. Со проектот се предвидува опремување на детско игралиште со вкупна површина од околу 1500м2, кое е во непосредна близина на административната зграда на Општина Шуто Оризари.

На општина Делчево и се доделуваат 1,85 милиони денари грант за изградба на придружни и услужни објекти на гробишта. Вкупната вредност на проектот е 7,36 милиони денари, а општината Делчево ќе кофинансира 5,51 милиони денари.

Грант средства се доделени и на Општина Демир Хисар во износ од 2,23 милиони денари, со кои општината ќе набави противпожарно возило.