Преку проектот Купи куќа – Купи стан граѓаните заштедиле 640.000 евра

43

1ed7677e-3f51-407c-b641-0e72a94e29ebСпоред информациите на Министерството за финансии, вкупно110 граѓани досега добиле субвенциониран станбен кредит, преку проектот Купи куќа- купи стан, при што се доделени 640.000 евра субвенции од Владата.

Граѓаните кои зеле субвенциониран станбен кредит во висина од 50.000 евра, преку моделот Половина рата добиле најмногу субвенции, 10.048 евра.

Како што објаснуваат од Министерството за финансии, во овој случај, првите три години месечната рата е 329 евра, од кои 164 евра ги плаќа граѓанинот кој го зел кредитот, а останатите 164,5 евра ги плаќа Владата. Во наредните две години, пак, месечната рата изнесува 343,91 евро, при што Владата обезбедува 171,95 евра од ратата.

Дополнителни заштеди граѓаните добиваат и преку каматите, при што заштедата е од две илјади до три илјади евра. Моментно каматата што ја нудат банките за станбен кредит изнесува просечно од 6,2% до 6,5% за првите три години, и од 7,5% до 8,05% за останатиот дел од периодот на отплата, додека каматите на субвенционираниот станбен кредит се фиксни за првите пет години и тоа 4,99% за првите три години и 5,49% за четвртата и петтата година.

“Стопанска банка ќе продолжи и оваа година да биде вклучена во проектот. Каматните стапки за првите пет години се гарантирани, и тоа во првите три години изнесуваат 4,99%, а во четвртата и петтата година 5,49%. По петтата година, на кое ниво ќе бидат утврдени каматните стапки ќе зависи од движењето на еуриборот. Но, имајќи предвид дека Европската Централна банка најавува дека каматните стапки ќе останат на сегашното ниво, како и очекувањето дека овие кредити редовно ќе се враќаат бидејќи станува збор за купување прв стан, очекуваме и по петтата година, каматните стапки да бидат поповолни во однос на оние за останатите редовни кредити”, појаснува Глигор Бишев, директор на Стопанска банкa.

Годинава повторно се објавени нови јавни повици преку кои граѓаните ќе можат да аплицираат за субвенционирани станбени кредити до 31 мај.