Преквалификување за ИТ вештини на невработени до 34 години

93

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорката на Агенција за вработување, Билјана Јовановска ги презентираа трите јавни огласи за обуки за ИТ вештини кои се дел од Оперативниот план за вработување за 2019 година.

“Наша цел е да ги надградиме вештините на невработените млади лица до 34 години и тоа во област за која има реална потреба на пазарот на труд. Оваа година за првпат мерките за вработување ги правевме заедно со сите засегнати страни за тие да бидат ефикасни и да дадат видливи резултати. За обуки за ИТ вештини имаме предвидено 35.1 милиони денари, ова е неколкукратно зголемување во однос на лани, кога беа издвоени 8.5 милиони денари. Ги охрабрувам сите заинтересирани млади да се пријават и да ги усовршат своите знаења и вештини. Посебно ги охрабрувам младите жени да ја искористат оваа можност и да се стекнат со нови знаења со кои ќе обезбедат сигурни вработувања со високи примања во софтверските компании каде што досега поголемиот дел од вработените се мажи“, истакна Царовска.

Планираниот опфат на лица за 2019 година е 1.253 невработени млади лица до 34 години. Јавниот повик за учество во Програмата Обуки за развој на дигиталните вештини се објавува денеска и трае до исполнување на опфатот.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, истакна дека Северна Македонија станува атрактивна ИКТ дестинација.

“Број на трговски друштва од ИКТ сектор изнесува околу 2021, од кои 145 се основани во текот на првата половина на 2019 година. Бројот на вработени изнесува околу 18.000 лица. Растот на пазарот во ИКТ индустријата во изминатите пет години е 47%, а вредноста на пазарот на ИКТ е 862 милиони евра. Владата дополнително ги стимулира ИТ компаниите со други мерки, а како една од идните мерки ќе биде намалување на 3% на данокот на добивка”, информираше министерот Манчевски.

Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од напредни ИТ вештини, обуки за напредни ИТ вештини (со кофинансирање). Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од напредни ИТ вештини и воведни Обуки за ИТ вештини (online).

Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од основни ИТ вештини.

Со обуките се нудат нови мрежни технологии и администрирање на компјутерски системи, основите за дизајнирање и имплементација на ИТ инфраструктура на најкористената AWS Cloud платформа, практиките на објектно – ориентираното програмирање кое подоцна ќе биде основа за пишување на скриптите во процесот на автоматско тестирање, креирање стратегија на производ базирана на корисничко искуство, да дефинираат функционалности и интеракција во кориснички интерфејс, да изработат прототип на веб проект и да ја тестираат идејата.

Изминатите неколку години оваа мерка од оперативниот план дала одлични резултати и 50 % од обучените невработени лица во моментот се вработени.

Од вкупно 202 лица коишто биле обучени во 2016 година во моментот работат 112, а од поминатата обука на 100 лица лани, сега во работен однос се 50.

Фото: Pixabay