Препораки за однесување на вработените во производни капацитети за храна

223

Агенцијата за храна и ветеринарство подготви и до операторите со храна, до членките на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на северозападна Македонија испрати Препораки за однесување на вработените во производствените капацитети за храна.

На компаниите кои вршат дејност производство на прехранбени производи, со оглед на актуелната состојба во земјава со вирусот КОВИД 19, Агенцијата за храна и ветеринарство им препорачува производствениот процес да го организираат водејќи сметка во погоните каде непосредно се врши производство, да се внимава и да се држи растојание меѓу вработените од 1,5 до 2 метри. Во кланиците за колење на јагне, растојанието треба да биде согласно работните места предвидени по технолошката шема на работниот процес, по должина  на технолошката линија на производство.

Вработените задолжително треба да носат заштитна маска и истата да ја менуваат почесто, на два до четири часа и секогаш во случај на нејзино оштетување или загадување, со крв или друга нечистотија. Ракавиците почесто да се менуваат, секогаш кога се оштетени, по пауза во текот на работењето, а да се мијат во текот на работата. Пред ставањето на ракавиците, рацете треба добро да се измијат и дезинфицираат, а исто така и по нивното вадење.

Лицата задолжени за обезбедување на објектот, возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така, треба да носат лична заштитна опрема.

Во производствениот објект, пред влезот во работните простории, задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на раце и обувки. На работните места кои се предвидени по технолошката шема на работниот процес, секогаш треба да има топла вода, средство за миење на рацете и функционални стерилизатори за ножеви.

Да се врши почесто проветрување на работните простории, односно, повеќе пати во текот на денот, доколку е тоа можно, преку природна или вештачка вентилација. Редовно да се спроведуваат Добрите производствени и Добрите хигиенски пракси (ДПП/ДХП) базирани на HACCP принципите.

Во работното време, од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за одржување на повисоко ниво на лична и општа хигиена (често миење на рацете, приборот и опремата за работа). За време на паузите, вработените да не се групираат и да внимаваат и одржуваат меѓусебно растојание од минимум 1,5 до 2 метри.

Да се избегнува меѓусебен контакт на вработените лица од погоните во текот на работниот процес, особено со административните службеници. Во случај на потреба од административна работа потпишувањето на хартиените документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштита маска и ракавици).

Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон, или по пат на електронска комуникација.

По завршување на работниот процес да се спроведе темелно механичко чистење и дезинфекција на сите простории во објектот. Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и да се пријави до надлежниот Центар за јавно здравје.

Фото: Pixabay