Престанува да се печати еден од најстарите весници во светот

listБританскиот Lloyd’s List, 279 години по првото издание, ќе излегува само во интернет формат. Последното печатено издание на весникот, кој во 1734 година се појави во форма на билтен со информации за пристигање и заминување на бродовите, ќе излезе на 20 декември.

Весникот сега е достапен во печатена верзија и на интернет, и има околу 60.000 читатели. Според уредникот Ричард Мид, на печатеното издание имаат само 25 претплатници.

“Ова е природен дел од еволуцијата. Затоа одлучивме да инвестираме во онлајн издание наместо во досегашниот формат, кој не ги задоволува потребите на нашите клиенти”, вели Мид, пишува BBC.

Мид се надева дека преминувањето во дигитална форма ќе помогне компанијата да продолжи да расте.

Lloyd’s List објавува вести за настаните од областа на поморската трговија, осигурување и енергетски ресурси.