
Во земјите од Европската Унија, во февруари се регистрирани 865.437 нови патнички автомобили, што е за 1,4 проценти повеќе од минатата година, објави денес Здружението на европски производители на автомобили (ACEA).
Ова е пресврт во споредба со јануари, кога беше забележан пад на регистрациите од 3,9 проценти на годишно ниво.
На главните европски пазари, во февруари е забележано зголемување на регистрациите, кое изнесува 3,8 проценти во Германија, 7,5 проценти во Шпанија и 14 проценти во Италија, со исклучок на Франција, која пријави намалување од 14,7 проценти.
Уделот на електричните автомобили на батерии во вкупната продажба изнесувал 18,8 проценти во првите два месеци од оваа година, според ACEA, при што продажбата пораснала за дури 22,3 проценти.











