Претпазливо на Волстрит, во САД се очекува агресивно зголемување на каматните стапки

25

Во средата на Волстрит се тргуваше претпазливо, бидејќи новите податоци покажаа дека американскиот пазар на труд останува многу силен и ФЕД може да ги зголеми каматните стапки поагресивно од очекуваното во март. Dow Jones загуби 0,18 отсто, на 32 794 поени, додека S&P 500 зајакна 0,14 отсто, на 3 992 поени, а Nasdaq индексот зајакна 0,40 отсто, на 11 576 поени.

Внимателноста на најголемата светска берза е последица на натамошниот раст на вработеноста во САД. Агенцијата за вработување АДП вчера извести дека бројот на вработени во приватниот сектор во февруари е зголемен за 242 000, двојно повеќе од претходниот месец и повеќе од очекувањата на аналитичарите.

Ова покажува дека побарувачката на пазарот на трудот е сè уште силна, па може да се очекува раст на платите и потрошувачката, а тоа значи дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Еден ден претходно, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, рече дека централната банка е подготвена да преземе поголеми чекори доколку идните економски податоци покажат дека се потребни построги мерки за зауздување на инфлацијата.

Колку агресивно ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки?

Ова предизвика страв кај инвеститорите дека централната банка ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,50 процентни поени на седницата во март. Затоа, пазарот на пари проценува дека ФЕД до септември ќе ги зголеми каматните стапки во опсег од 5,50 до 5,75 отсто, додека сега каматните стапки се меѓу 4,50 и 4,75 отсто.

Сепак, тоа ќе зависи и од дополнителните податоци за инфлацијата и движењата на пазарот на трудот. Затоа извештајот за вработување во САД во петок ќе биде во фокусот на инвеститорите. Аналитичарите анкетирани од Ројтерс процениле дека бројот на вработени се зголемил за 200 000 во февруари, многу побавно од 517 000 во јануари.

Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,13 отсто, на 7 929 поени, а франкфуртски DAX за 0,46 отсто, на 15 631 поен. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,20 отсто, на 7 324 поени.

Фото: Facebook