Претприемачот е човек со визија

673
3
д-р Стојан Дебарлиев, доцент на катедрата по менаџмент на Економски факултет – Скопје

“Не ми е целта студентите да отворат бизниси, туку да им ја сменам психологијата и да видат дека можат повеќе”, вели д-р Стојан Дебарлиев, професор по деловно планирање на Економскиот факултет во Скопје. Според него, претприемачите не се трговци ниту стандардни бизнисмени, тоа се луѓе кои сакаат да создаваат, а претприемништвото е мал бизнис со изразен потенцијал за раст.

БИ: Вашата професија е поврзана со едукација на млади луѓе, идни претприемачи. Колку студентите во Македонија се заинтересирани за започнување сопствен бизнис?

Предметот кој го предавам, деловно планирање го слушаат два департмана. Во текот на времетраењето на целиот семестар студентите изработуваат бизнис планови. Сето тоа го работат во тимови, а претходно генерираат идеи. Тимот се собира, работи на идејата, ја разговараме. Од нив, активно продолжуваат со преточување на идеите во изработка на бизнис планови околу 50% од студентите. Идејата ми е студентите детално, практично да поминат низ целиот процес на пишување на бизнис план, откако претходно низ трите години студирање стекнале знаења од менаџментот, финансискиот менаџмент, маркетингот и др. Од овие студенти, со жар во изработка на бизнис планови влегуваат околу 70 студенти, што е околу 25% од студентите кои го слушаат предметот. Кога ќе ги сработиме бизнис плановите и кога истите доаѓаат пред  финалната презентација, секогаш се обидувам да повикам луѓе од праксата, луѓе што работат на анализи и проценки на бизнис можности, од мрежата на бизнис ангели, venture capital фондовите и др. Кога почнуваме со изработката на бизнис плановите, наидувам на деморализирана атмосфера, студенти со низок ентузијазам, студенти коишто би биле спремни да “испукаат” идеи. На крај кога ќе видат што изработиле во однос на тоа колку биле исплашени кога ги предложувале идеите, конечно доаѓаме до целта. Не ми е целта да отворат бизниси, туку да им ја сменам психологијата и да видат дека можат повеќе.

Генерално и во развиените земји процентот на дипломци кои започнуваат сопствен бизнис е низок, особено во првите три до пет години по завршувањето на факултетот. Сепак студентите гледаат прво да се вработат во некоја фирма. По неколку години работа, кога ќе стекнат знаење и ќе видат како функционира таа средина, ако оценат дека климата во фирмата каде што работат не е поттикнувачка, ако не им се дава шанса да ги изразат своите потенцијали, знаења, вештини, креативност, тогаш можеме да зборуваме дека се создаваат критичните услови за луѓе кои размислуваат претприемачки и се решаваат да започнат сопствен бизнис. Тоа е големата слика, мала е бројката на оваа критична маса и кај нас и во поразвиените земји. Излегување од клупи и веднаш почнување бизнис, во најголемиот број случаи е утопија.

1

БИ: Дали и во која мера концептот на високото образование во Македонија помага во формирањето на солидна основа за успешен претприемач?

Во основа, ова е тема и на развиените економии, што прави високото образование, што прават претходните фази на образованието, како целокупниот систем треба да се поврзе за да создаде претприемач. Генерално, тенденциите и кај нас одат во позитивна насока. Средношколците веќе задолжително имаат претприемништво, бизнис, менаџмент, економија, без разлика дали се во економско училиште или гимназија, што е многу важно, затоа што претприемачи можат да бидат и инженери, фармацевти, луѓе кои понатаму стануваат професионалци во некоја област, на кои може  да им се отвори можност за сопствен бизнис, за што треба знаење. Во високото образование, на економските факултети, кај оние што се повеќе ориентирани кон бизнис насоки отколку кон економија, создаваме профил кој е креативен, кој може со дообразба да размислува за претприемништво, но тоа не е правило.

БИ: Какви карактеристики, според Вас, треба да има еден млад човек за да прерасне во успешен претприемач?

Профилот на претприемач го чинат знаење, вештини, лични карактеристики, креативност, способност. Но, најбитно е создавањето на позитивни претприемачки вредности на личноста, претприемништвото да се прифати низ една лична перспектива, личен поглед на работите, да се има верба. Претприемачите се луѓе жедни за успех, луѓе кои сакаат да создаваат. Треба време да се создадат овие претприемачки вредности. Тие се создаваат и низ формалниот процес на образование и низ разните неформалните образовни програми, обуки, дообуки итн. Се создаваат и низ секојдневието, низ комуникација со луѓето. Со текот на времето тие претприемачки вредности преминуваат во позитивни претприемачки ставови, кои понатаму преоѓаат во претприемачки намери и на крај во претприемачка активност, односно отворање бизнис.

Претприемачите не се трговци, не гледаат низ призмата на парите. Важен е и профитот, меѓутоа претприемачот создава. Не само што создава нешто, туку тоа што го создава има вредност и за потрошувачите и за општеството. Претприемачот има соодветен однос кон вработените, вработените се капиталот на фирмата, конкурентската предност на секоја компанија. Тука паѓаат на испит македонските менаџери и бизнисмени. Претприемачот не е стандарден бизнисмен. Претприемачот е човек со визија, со фантазија, со верба, со желба нешто да создаде, тоа го разликува од бизнисмените коишто се повеќе профитно ориентирани, без некоја конкретна вредност во нив.

БИ: Кон кои сектори, индустрии треба да се вртат претприемачите?

Со новата стратегија Европа 2020, Европа повторно се врти кон индустријата. Се е во ред со финансиите и услугите, но индустријата е таа што создава вредности и конкурентност. Во оваа смила нам ни е потребно претприемништво во производствените дејности. Дали е тоа храна, органска, од нашите земјоделски производи, дали се зелени бизниси, производство базирано на рециклирани материјали, еко-ефикасни бизниси, производство на нешто што е традиционално за овие простори, можеби и некои занаетчиски услуги, секако со посовремени технологии. И тоа помалку во масовното производство, а повеќе во производство што има специфичност во изработката, производи што не се наменети за масовниот пазар, туку се наменети за непокриени пазарни сегменти, а големиот бизнис нема интерес да ги покрива тие пазарни потреби. Важно е бизнисот да се базира на знаење и на оддржливи  конкурентски предности. Не смее да биде приказна во една епизода.

2

БИ: Дали кризата треба да ги обесхрабри луѓето да почнат сопствен бизнис или треба да им претставува предизвик?

Кризата повеќе ги погодува средните и големи бизниси. Микро и старт – ап бизнисите, со својот иновативен, креативен, нов начин на размислување и задоволување на потребите на потрошувачите, наоѓаат повеќе можности во услови на криза. Тие се помалку засегнати од глобалните текови коишто кризата како криза ги носи и повлекува одредени жртви. Главно, поголеми жртви се поголемите компании кои се извозно ориентирани, додека старт – ап бизнисите и микро бизнисите гледаат каде може да има нова побарувачка и каде можат да ја искористат шансата. Во криза луѓето се откажуваат од едни потреби, но се префрлаат кон други потреби. Одредени потреби ги редуцираат или бараат ефикасност. Тука малите бизниси можат да понудат добри супститути на поскапите производи. Од тој аспект, кризата може да биде предизвик.

БИ: Ваша оценка за бизнис климата во нашата земја?

Бизнис клима не е нешто што ќе се измери во бројки, таа е повеќе психолошка атмосфера која што се перцепира, се доживува. Често пати доаѓа до дебата дали незадоволството на сопствениците на бизниси во Македонија е објективно, дали имаат подобри услови отколку што мислат, дали се недоволно информирани… Бизнис климата е токму како сопствениците, бизнисмените, претприемачите се чувствуваат во својата кожа, во својата земја, во економијата во која функционираат, дали чувствуваат страв, дали чувствуваат неизвесност, дали чувствуваат висок ризик? Претприемништвото е како диво животно, плашливо, бега од таму каде што постои неизвесниот. Затоа е битно бизнис климата да им создаде доверба кај луѓето, сигурност, стабилност. Во ред се одредени реформи коишто значат отворање бизнис за еден ден, но не е пресудно ако бизнисот го отвориш за еден ден.

Објективно мерлив момент е достапноста до финансиски средства. Што имаат на располагање микро и малите бизниси или луѓе што имаат идеја и сакаат да започнат со мал бизнис? Имаат одредени кредити од Македонска банка за поддршка на развојот, кои главно ги земаат веќе воспоставени поголеми претпријатија од групата на малите и средни претпријатија, кои главно ги користат за обртни средства, односно не ги користат за развојни цели. Овие кредити на микро бизнисите им се тешко достапни. Потоа има кредити од комерцијалните банки, кои бараат бизнис план, но бараат и хипотека, што е апсурд. Зошто би ви бил потребен бизнис план ако кредитот го обезбедите со хипотека? Со бизнис планот клиентот треба да ве убеди дека има бизнис којшто ќе успее и ако вложите во тој бизнис, ќе биде способен да враќа. Постојат одредени програми што ги дава Владата преку Агенцијата за вработување, како што се програмите за самовработување. Но, самовработувањето не е претприемништво. Зошто? Претприемништвото во себе носи компонента што се вика раст и развој. Со самовработувањето отворате нешто локално со тенденција да се издржувате себе си и своето семејство, односно да обезбедувате средства за егзистенција, без некаква амбиција да растете. Други програми од Владата се одредени инкубатори, некои нефинансиски начини на поддршка, но генерално имаат мал ефект.

debarliev 1Она што недостасува е интегрална стратегија за поддршка на малиот бизнис, но во севкупна смисла, што подразбира конкретни активности на државата преку разни иницијативи заедно со малите бизниси и кластерите за регионално вмрежување, поврзување во одредени индустрии каде што ќе можат да работат како кооперанти и подизведувачи. Нема позначителен обем и активност на venture capital фондови, нема бизнис ангели или конзорциуми, кои се интересен начин на финансирање. Инвестициските конзорциуми географски се врзуваат, ги здружуваат своите средства и ги финансираат активности на малите бизниси коишто треба да бидат поддршка на кластерското здружување. Државата не само што не помага, туку со политика на казни дополнително го истоштува малиот бизнис. Никој не смета дека не треба да има ред, меѓутоа треба да има урамнотежен однос на ефектите и последиците. Да не создадеме силна држава, а немоќен бизнис сектор.