Претседателот на интернационалната организација Ротари во посета на Македонија

40

Претседателот на интернационалната организација Ротари, Гери Хуанг е во неколкудневна посета на земјава. Тој денеска ќе учествува на гала вечерата на оваа организација, што ќе се одржи во хотелот Александар Палас.

Хуанг заедно со членови од македонските Ротари клубови ги посетија и штитениците од посебното училиште Иднина, институција каде беа реализирани и неколку значајни донации со кои значајно се подобрија условите за учење и престој на овие деца.

Ротари е организација на волонтери, на повеќе од 1,2 милиони деловни лидери и лидери во другите професии кои се обединети во светот, со цел да ја изведуваат и поддржуваат филантропијата, како и да помогнат во градењето на добра волја, разбирање меѓу луѓето и обезбедување на мирот во светот. Организирани во повеќе од 32.000 клубови во повеќе од 200 земји и географски области, Ротаријанците изведуваат проекти за да одговорат на предизвиците на современото живеење, како што се неписменоста, болестите, гладот, сиромаштијата, недостатокот на чиста вода, негрижата за здрава околина и многу други, чие елиминирање станува суштински предуслов за хуманиот развој и за одржувањето на мирот во светот.

Иницијативата за формирање на првиот Ротари клуб во Чикаго, САД, датира од 1905 година и притоа наидува на голем интерес кај деловните луѓе и оние од другите професии и таа е прва светска организација на волонтери определена во интерес на основните човекови потреби. После првиот клуб, се формираат нови клубови во други градови и држави и следствено на основните начела, членовите на клубовите се среќаваат на неделните состаноци да ги планираат проектите, дискутираат разни прашања од локален, национален и меѓународен интерес и уживаат во градењето на меѓусебното пријателство. Ротари клубовите се неполитички и отворени за граѓани од сите раси, култури и религии.

Во областа на образованието, Ротари фондацијата обезбедува меѓународни стипендии за повеќе од 1.000 студенти годишно кои студираат надвор од своето место на живеење и кои служат како културни амбасадори.

Еден од најзначајните проекти на Ротари е Полио Плус кампањата. Ротари клубовите со свое финансиско учество од преку 850 милиони американски долари и армија на волонтери имунизира повеќе од две милијарди деца во 122 земји во светот. Ротари е главниот партнер и лидер во Глобалната иницијатива за ерадикацијата на полиото, заедно со Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УС Центарот за контрола и превенција на болестите.