Претставена првата компанија со MAMFORCE Standard во Македонија

97

f1

На денешното јавно претставување на проектот MAMFORCE, официјално се објави името на првата компанија што преку примена на политики коишто ги земаат предвид семејните потреби им овозможува на вработените баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот. Прва компанија што се стекна со правото на истакнување на основниот MAMFORCE Standard во Македонија е телекомуникациската компанија Вип, стои во соопштението.

Стандардот свечено го додели Диана Кобас Дешкович, иницијаторка на проектот MAMFORCE. На настанот говореа и Елена Грозданова, Државен советник за еднакви можности од Министерство за труд и социјална политика, Лилиан Кандикјан, национален програмски координатор од Швајцарска aмбасада, Жаклина Гештаковска Алексовска, претставник од ИМЕ програма и Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението Конект. Телекомуникциската компанија ВИП со тоа се обврза на воведување на дополнителни мерки за подобрување на балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот на своите вработени и за еднакви можности за усовршување, напредување и развој на кариерата, по што ќе оствари право за стекнување на напреден MAMFORCE Standard.

Елена Грозданова државен советник за еднакви можности од Министерство за труд и социјална политика изјави: “Ја подджуваме иницијативата MAMFORCE бидејќи активно го промовира и поттикнува воведувањето и унапредувањето на добрите работни и организациски практики во компаниите. Со оглед на актуелниот проблем со заминувањето на младите луѓе во странство, сметаме дека е важно да се стави акцент на поттикнувањето за подобрување на работните услови кои влијаат на зголемување на задоволството на вработените, а со тоа и на остварувањето на подобри резултати коишто ја зајакнуваат целата економија. Исто така, во овој контекст би ја споменала и новата мерка на Владата на РМ за флексибилно работно време што ќе овозможи и поделба на семејните и професионалните обврски“.

“Воведувањето и поквалитетното спроведување на политики за управување на човечките потенцијали што ги земаат предвид семјните потреби и вклучуваат мерки насочени кон младите родители и жените, се многу важни за нашето општество. Стандардот им помага на компаниите да станат препознаен добар работодавач што има задоволни и лојални вработени и привлекува нови таленти. Дополнително, тој овозможува да се идентификуваат јазовите во јавните политики и да се формулираат решенија за нивно надминување“, истакна Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението Конект, партнер и споведувач на проектот во Македонија.

Диана Кобас Дешкович, иницијаторката на проектот MAMFORCE, ги запозна присутните со проблематиката за баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, важноста на оваа тема за конкурентност и оддржливост на економијата и изјави: “Драго нѝ е што и во Македонија успеавме да ја отвориме оваа важна тема која има значајно влијание во привлекувањето и заджувањето на младите луѓе во компаниите кои овозможуваат соодветен баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Телекомуникациската компанија ВИП со вклучувањето покажа подготвеност за понатамошно подобрување на условите за работа на своите вработени и со тоа ја потврди својата лидерска позиција во прифаќањето на промени кои ги менуваат вообичаените начини на однесување и донесуваат благосостојба во овој случај на семејството и здравјето, а тоа е поврзано со продуктивноста на компанијата“.

Со оглед на големиот број на вработени и нивните различни потреби, Вип обезбедува редовно истражување на задоволството од работата на вработените, обуки и програми за усовршување на вработените, можност за користење на флексибилно работно време за одредени ангажмани, грижа за здравјето на вработените (редовни систематски прегледи) и сл.

“Особено сум горд што од денеска Вип е првата компанија во Македонија којашто се стекнува со MAMFORCE Standard – от. Тоа е уште еден доказ дека за нас во Вип најголемиот и највреден капитал се вработените за кои со особено внимание и посветеност работиме на креирање и спроведување внатрешни политики кои овозможуваат постигнување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Процесот на евалуација ни помогна да ги детектираме добрите пракси што ги спроведуваме, но и да ги препознаеме областите во кои треба да се подобриме за да ја задржиме позитивната работна атмосфера и уште повеќе да го зголемиме задоволството на вработените. Како прва компанија во земјата која се стекнува со овој стандард, се надевам дека ќе бидеме пример и поттик што ќе го следат и другите компании“, истакна Димитар Ковачевски, извршен директор на Вип при примањето на MAMFORCЕ Standard.

Процесот се спроведува преку ревизија на компаниите во коишто се испитуваат работните услови на вработените со посебен акцент на прилагодувањето на работните услови на родителите со мали деца (работно место, работно време, дополнителни сервиси, поддршка од компанијата и колегите), можност од постепено враќање од породилното отсуство (скратено и флексибилно работно време, работа од дома, повремена работа од дома, можност за отсуство поради болест на дете), како и можност за понатамошно усовршување, напредување и родова еднаквост на највисоките управувачки позиции. Компаниите по спроведената ревизија изработуваат акциски план за воведување на дополнителни мерки со коишто се остварува право на основен MAMFORCE Standard. По  една година, доколку се имплементираат договорените мерки се остварува правото на целосен MAMFORCE Company Standard во една од овие категории: CHANGE, GROW или LEAD, што зависи од степенот на развој за управување со човечки ресурси во областа на семејни обврски и родова еднаквост.

Имплементацијата на проектот во Македонија е поддржана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Swisscontact и локалниот партнер Преда Плус.

“Преку нашите економски програми се обидуваме да помогнеме во создавање на услови за пристап до вработување, кариерен развој и пристојна работа со посебен фокус на жените и родовата рамнотежа и ги вклучуваме родовите прашања во сите фази на нашите програмски активности. Се надевам дека голем број на македонски компании ќе бидат мотивирани да ги применат овие глобални трендови, ќе го следат примерот на Оне Вип и ќе го започнат процесот на имплементација на Мамфорс стандардот и во нивните компании“, изјави Лилиан Кандикјан, програмски координатор во Швајцарската амбасада.