Претставени приоритетите на Македонија за време на претседавањето со ЦЕФТА

23

ceftaВо 2014 година Македонија ќе го преземе претседавањето со ЦЕФТА од актуелниот претседавач Босна и Херцеговина.

Како приоритети за Македонското претседателство со ЦЕФТА ќе бидат натамошната либерализација на трговијата со земјоделски производи и трговијата со услуги, елиминирање на нетарифните бариери и непотребните технички бариери во трговијата, олеснување на трговијата со вклучување на транспарентни алатки и поедноставување на трговските процедури.

Освен тоа, приоритети ќе бидат и промовирање на регионалната соработка во политиката на конкуренција, правата на интелектуална сопственост и јавните набавки, подобрување на пристапот на пазар со финализирање на единствена зона на дијагонална кумулација во рамки на Регионалната конвенција за пан-евро медитеранската кумулација.

Ќе биде покрената и иницијатива за основање на инвестициски концепт за зајакнето учество во регионалниот синџир на набавки и глобалната мрежа на набавки и одржување синергија меѓу примената на ЦЕФТА и ЈИЕ 2020 – во делот на интегрирање во глобалната економија.

“Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 ќе придонесе кон натамошно интегрирање на регионот во европската и глобалната економија, со учество во меѓународниот синџир на набавки, поддршка за подобра меѓународна конкурентност на националните економии и продлабочување на регионалната трговија и нови инвестиции. Одлучивме да ја приспособиме Програмата за претседавање на начин што ќе ги опфати четирите димензии на столбот за Интегриран раст во своите приоритети. Програмата треба да придонесе во воспоставување на врската меѓу приоритетите на ЦЕФТА и ЈИЕ 2020, како и да обезбеди нивна конзистентност, кохезија и примена, преку соодветна координација меѓу сите релевантни чинители на ЈИЕ 2020, преку интерактивно јакнење на ЦЕФТА Програмата и Стратегијата”, објасни министерот за економија Ваљон Сарачини на министерскиот состанок.

Примената на Стратегијата на ЈИЕ 2020 се очекува да започне во 2014 година, во време кога Република Македонија ќе претседава со ЦЕФТА, по втор пат, по 2007 година.