Презентација на истражување за врската меѓу социјалната помош и пазарот на трудот

25

На Универзитет Американ Колеџ денес од 11 до 12.30 часот ќе се одвива работилница на тема Да ја направиме работата во МК исплатлива.

Во рамки на работилницата ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето поврзано со симулациски модел кој покажува како одредени промени во социјалната помош ќе влијаат врз активноста и вработеноста на пазарот на труд.

Презентација ќе биде одржана од страна на експертите од Американ Колеџ, Марјан Петрески и д-р Никица Мојсоска Блажевски, а на настанот ќе говорат и претставници од други институции, како Игор Крстевски, проектен менаџер од Министерство за труд и социјална политика и д-р Маја Геровска Митев, од Филозофски факултет при Универзитет Св. Кирил и Методиј Скопје.

Имено, во периодот од јули 2012 до октомври 2013 година, Универзитетот Американ Колеџ Скопје, заедно со Фондацијата за развој на економската наука од Белград, а под покровителство на Регионалната програма за унапредување на истражувањата од Универзитетот од Фрибург и Швајцарската агенција за развој, го спроведуваше проектот Да ја направиме работата исплатлива во Западен Балкан: Докази од Србија и Македонија.

Проектот опфати изградба на микросимулациски модел за даноците, придонесите и бенефициите во социјалниот систем на Македонија и негово поврзување со структурен модел за понудата на работна сила. Анализата што се заснова на ваквиот методолошки пристап дава одговор на прашањата Како да ја направиме работата исплатлива во Македонија? и И плата, и социјална помош: Дали е можно во Македонија?