Презентација на италијанската технологија за производство на вина

76

Презентација на италијанската технологија за производство на вино, посветена на најновите практики, опрема и технологија за винификација, ќе се одржи денеска во Скопје во организација на италијанската Агенција за промоција на економската соработка Италија – Македонија, Македонското Здружение на производители на вино – Wines of Macedonia и Италијанската национална асоцијација на производители на машини, технологија и додатоци и производи за винска индустрија (АНФОРМАПЕ), пишува Миа.

“Италија е светски лидер во производството на опрема и технологија за винска индустрија, во најголем дел наменета за извоз кој носи девизен прилив од 2,3 милијарди евра годишно“, соопштија организаторите на настанот.

Главните купувачи на италијанската опрема се: Франција, Шпанија, Германија, САД, Австралија, Канада, Кина, Индија, Чиле, Аргентина, Турција, Швајцарија и Бразил. Најголем удел во италијанскиот извоз на опрема (преку 60%) имаат машините за полнење, затворање, етикетирање и капсулирање. Со еден збор, во секоја винарска визба во светот има барем по една италијанска машина. Успехот на Италија во овој сектор се должи на способноста за технолошки иновации, флексибилноста во производството на италијанските мали и средни фирми кои се прилагодуваат на потребите на клиентот, не само во однос на количините туку и во способноста на понудат конкурентна понуда квалитет-цена.

АНФОРМАПЕ е Асоцијација во рамките на Италијанското здружение за вино, со 500 компании членки, кои произведуваат 60% од вкупната италијанска технологија за енологија и полнење (винификација, филтрација, машини за флаширање, затворање, етикетирање, енолошки производи и сл).

Во Македонија има регистрирано 84 производители на вино со годишно производство од 120 милиони литри (253.000 тони грозје), од кои најголем дел (80%) се извезува како наливно вино. Во производството на вино се користи, пред сè, италијанска технологија.

За модернизација на опремата и набавка на нова, македонските фирми можат да ги користат фондовите ИПАРД кои за периодот 2014 – 2020 година изнесуваат 60 милиони евра и предвидуваат кофинансирање со неповратни средства кои во одредени случаи стигнуваат и до 65% од вредноста на инвестицијата.