Презентирана новата кредитна линија на ЕБОР пред претставниците на стопанските комори

34

images Новата кредитната линија на Европската банка за обнова и развој WeBSEFF 2 од регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан денеска е презентирана пред претставниците на стопанските комори во Македонија. Се работи за првата од неколкуте планирани промоции на новата кредитната линија, кои се организираат на иницијатива на Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој, а во соработка со Охридска банка.

Целта е поголемо искористување на средствата од овие кредитни линии, во вредност од 75 милиони евра, а Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој, во идните три месеци, согласно акциониот план, ќе одржуваат директни средби, најпрвин со стопанските комори во Република Македонија, а потоа и со стопанствениците од внатрешноста на државата, како и единиците на локалната самоуправата (ЗЕЛС), при што ќе се отвори можност секоја општина, која ќе сака да спроведе проекти за енергетска ефикасност, да може да аплицира за истите.

Министерот за економија Ваљон Сарачини преку директна комуникација со заинтересираните, претставници од Министерството за економија и ЕБОР ќе даваат техничка помош на компаниите при подготовка на апликација за кредит.

WeBSEFF II е дел од регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, која отпочна да се реализира во декември 2013 година. Истата ќе се имплементира во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Хрватска и Македонија.

Вкупниот износ на финансиски средства кои се обезбедени од ЕБОР за сите земји од Западен Балкан изнесува 75 милиони евра наменети за реализација на мали проекти во приватниот сектор и јавниот сектор, во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.

Оваа кредитна линија се пласира преку комерцијални банки со кои ЕБОР има склучено договор и тоа во досегашниот период склучен е договор со Охридска Банка Сосиете Женерал во Македонија, во износ од шест милиони евра.

За оваа кредитна линија може да аплицираат компании во приватна сопственост, трговци поединци или други приватни правни лица и општини, јавни или приватни компании кои извршуваат општински услуги и се одговорни за реализација на инвестицијата или компании за енергетски услуги (ЕСКО) кои инвестираат во проекти за енергетска ефикасност во соработка со општини или јавни претпријатија.

Максималниот износ на кредитите можат да бидат до 2 милиони евра за проекти од приватниот сектор и до 2,5 милиони евра за проекти од јавниот сектор. Во случај да постојат повеќе кредити кон истиот клиент од јавниот сектор за различни проекти, тогаш максималниот износ е 5 милиони евра за поединечен субјект од јавниот сектор.

Реализацијата на овие проекти ќе придонесе за зголемување на сигурноста во снабдување на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови, како и зголемување на бројот на нови работни места, велат од министерството за економија.