Презентирани преку 20 бизнис идеи пред Клубот на бизнис ангели на ЦЕЕД Македонија

123

sl

Во организација на ЦЕЕД Клубот на бизнис ангели и во соработка со SWT Alumni и NewMan’s Business Accelerator, вчера во просториите на Центарот за развој на претприемачи и менаџери – ЦЕЕД Македонија се одржа натпревар (pitching) на кој беа презентирани бизнис идеи.

На натпреварот своите идеи ги презентираа 21 старт – ап компании и млади луѓе, застапени од страна на соработниците на ЦЕЕД Македонија, членовите на ЦЕЕД Клубот, но и поединци со бизнис идеи кои самостојно се пријавија.

“Ова е една од најголемите pitching сесии што се одржале во Македонија. Ваквите настани се од големо значење за претприемништвото во Македонија, имаме многу млади луѓе со добри бизнис идеи и се надевам дека голем дел од нив ќе се реализираат во иднина”, вели Јован Маџовски, регионален менаџер на ЦЕЕД Македонија, Албанија, БиХ, Србија и Молдавија.

Претставниците на бизнис идеите имаа можност во 2 минутна презентација да ја претстават својата идеја пред бизнис ангелите, а потоа следуваше сесија на прашања и одговори од пет минути. Идеите и презентациите ќе бидат разгледани и оние што им оставија впечаток на инвеститорите, ќе бидат повикани за понатамошна разработка и за можна реализација.

CEED Macedonia Business Angels Club (CEED BA Club) е формиран како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold, во ноември 2013 година и е меѓу првите клубови од ваков вид во Македонија. Во клубот моментално членуваат 16 претприемачи кои се подготвени да инвестираат во бизнис идеи или во постоечки бизниси, доколку идентификуваат потенцијал за раст, иновации и слично. Првите бизнис идеи пред членовите на клубот беа презентирани на 2 април 2014 година. По едногодишното постоење на CEED Macedonia Business Angels Club, во месец декември 2014 година беше направена првата инвестиција, а во фаза на разгледување се уште две потенцијални идеи.