Приходите на кинескиот AI сектор ќе достигнат 100 милијарди долари во 2024 година

Приходите на кинескиот сектор за вештачка интелигенција ќе надминат 700 милијарди јуани (97,5 милијарди долари) во 2024 година, со двоцифрена стапка на раст во последните неколку години и постојано проширување на полето на примена, според извештајот на Кинескиот информативен центар за интернет.

Приходите на секторот за вештачка интелигенција растат неколку години по ред за дури 20 проценти годишно, според извештајот на „Глобал тајмс“.

До март, кинеската Администрација за сајбер-простор регистрираше 346 услуги за вештачка интелигенција, со „значаен напредок“ во сегментот на генеративна вештачка интелигенција, бран нови производи и континуирано проширување на областа на примена.

Секторот го привлече и вниманието на светската јавност, па така DeepSeek привлече повеќе од 30 милиони дневни активни корисници низ целиот свет во првите помалку од 20 дена, според извештајот, и го зазеде првото место на ранг-листата на најпопуларните апликации во 140 земји и региони и стана апликација на генеративна вештачка интелигенција со највисоки стапки на раст.

Во самата Кина, производите за вештачка интелигенција првенствено ја поддржуваат соработката на работното место, го олеснуваат пристапот до образование и служат како алатка во индустрискиот дизајн и креирањето содржини, обликувајќи систем на „паметни“ апликации што опфаќаат повеќе сектори, објавува „Глобал тајмс“.

Во периодот што заврши во јуни, корисниците најчесто користеа производи за генеративна вештачка интелигенција за да добијат одговори на прашања, при што уделот на оваа активност во интеракцијата на корисниците изнесуваше вкупно 80,9 проценти.

Во јуни, 1,123 милијарди луѓе користеа интернет во Кина, што претставува 79,7 проценти од населението, покажаа податоците од Кинескиот информативен центар за интернет. Бројот на корисници на интернет над 60 години достигна 161 милион, а 322 милиони граѓани во руралните средини сега го користат, со постојан раст кај обете групи, според извештајот.