Пријавување и одјавување од ФЗОМ фирмите од 1 февруари ќе прават по електронски пат

26

29830_416420321003_193296436003_5122705_7130497_n Од први февруари започнува задолжителното користење на веб порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија од сите фирми во Републиката за пријавување и одјавување во здравственото осигурување. Новината се однесува на фирмите, а не на осигурениците. Се прават големи заштеди за фирмите бидејќи тие нема да имаат потреба да ангажираат сметководители или други фирми кои ќе ги прават ажурирањата на дневна основа по институциите и преку компјутер тоа ќе може да го прави едно нивно вработено лице.
Маја Парнаџиева Змејкова, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) рече дека со оглед на тоа што има околу 15 дена за заокружување на пробниот период, сите фирми кои се уште не овластиле свои претставници во подрачните служби на Фондот, тоа треба да го направат во текот на следните две недели.
Тие, како што посочи, треба да овластат лице од својата фирма или сметководител кој во нивно име ги врши овие промени, задолжително да има електронска здравствена картичка и тоа овластување да го достават во подрачните служби на Фондот за од 1 февруари промените да ги прават од своите канцеларии.
“Досега Фондот со вкупно 75.500 фирми комуницираше преку подрачните служби на дневна основа и лица од тие фирми доаѓаа да ажурираат пријавување или одјавување на нивни вработени и нивни фамилиии во здравственото осигурување. Месечно околу 15.000 посети од страна на фирмите имаше во подрачните служби на Фондот или вкупно 180.000 годишно, за да ги пријавуваат или одјавуваат вработените и нивните фамилии во здравственото осигурување”, истакна Парнарџиева Змејкова и додаде дека 1.500 фирми веќе втор месец ги користат веб услугите на Фондот.
Нагласи дека дополнително олеснување е и укинувањето на потребата да се носи здравствената легитимација на вработените и нивните фамилии во подрачната служба за удирање печат за промена или за корекција на одреден број во здравствената книшка.
“Значи апсолутно нема потреба здравствените легитимации да се носат во подрачните служби и ако треба каква било корекција да се направи на бројот, овластеното лице од нас ќе добие известување електронски и ќе ја направи корекцијата во својата канцеларија. Фондот веќе спроведува обуки за фирми кои досега беа заинтересирани за воведување на оваа услуга и комуникација. Остануваме отворени за соработка по барање на која било фирма да ги продолжиме овие обуки и во следните неколку недели зависно од интересот на фирмите”, рече Парнарџиева Змејкова.
Таа додаде дека условот за да може да функционира комуникацијата меѓу Фондот и фирмата е прво фирмата да има подигнато електронски здравствени картички.
Таа истакна дека фирмите кои се уште немаат електронски здравствени картички и натаму ќе продолжуваат да ги носат пријавите и одјавите во подрачните служби и тоа ќе биде единствениот изговор за да не се користи веб порталот.
“Околу 3.000 фирми, тоа се лица поединци, човек фирма ги немаат електронски здравствени картички, а се веќе изработени и им упатувам апел да дојдат да си ги подигнат. За најголем број од фирмите се изработени електронските здравствени картички”, рече Парнарџиева Змејкова.
Парнаџиева Змејкова истакна дека со фирмите имале комуникација повеќе од две години.
“Прво почнавме со државната администрација, понатаму ја проширивме на јавната администрација, па потоа и на останатите приватни фирми. Во голем дел од барањата за електронски здравствени картички, се веќе издадени на вработените меѓутоа во меѓувреме има барања за нови вработени, за проширување на член од семејство. Тие се дополнителни барања за кои во моментов не можам да кажам дали сите се изготвени или не”, додаде Парнарџиева Змејкова.