Приказна за градот со најголемиот минималец во светот

105

Швајцарија е многу богата земја, а кантонот Женева, дом на повеќе од половина милион жители е еден од најбогатите градови во Швајцарија, пишува BBC.

Toа и не е чудно – се работи за место со изразено развиен банкарски сектор, седишта на низа меѓународни институции (меѓу нив и на Обединетите нации за Европа), а исто така е и дом на аукциски куќи. Според проценките на австрискиот завод за статистика, БДП по жител изнесува дури 100.000 франци годишно (околу 93.500 евра).

Богатиот кантон од овој месец ќе може да се пофали и со воведување на најголемиот минималец во светот. Конкретно, најмалата саатница за работниците во женевскиот кантон ќе изнесува минимално 23 франци или околу 21 евро. Тоа значи минимална месечна плата, под претпоставка на полно работно време, од околу 4.000 франци (3.736 евра).

Но, тоа не значи и дека оние кои ќе заработуваат минималец во Женева ќе живеат удобно. За почеток треба да се напомене дека Женева е полна со работници во услужните дејности, од хигиеничари до келнери кои тешко врзуваат крај со крај секој месец.

Кога Швајцарија во март месец беше затворена, светот го преплавија фотографии од луѓе во Женева кои стојат во редици пред банките за храна. Но, нив ги имало и пред да избие пандемијата, наведува BBC.

Colis du Coeur, една од таквите банки за храна, во центарот на градот секоја недела дели илјадници пакети со намирници. Редиците се долги, а во нив има полно мајки со деца. Потребата за поголеми примања, очигледно, постои.

Многумина се прашуваат дали 4.000 франци се премногу?

Не ако живеете во Женева, објаснува волонтерката во банката за храна Шарли Хернандез.

“Наемот на една соба ќе ве чини 1.000 франци месечно. Здравственото осигурување чини уште 550 франци, а на храна ќе потрошите минимално 500 франци. Ако имате две деца, со досегашниот минималец едвај ќе го преживеете месецот“, вели таа.

Новиот, зголемен минималец на некои луѓе ќе им значи многу.

“На крајот од месецот џебовите се празни. Да не беа банките за храна, не знам како би врзала крај со крај“, вели Ингрид која често доаѓа до банката за храна.

Но, многу претприемачи одредбата за зголемувањето на минималецот не ја прифатиле добро.

“Хотелите, рестораните, кафулињата… Сите се соочени со големи предизвици поради пандемијата. Ова би можело да го загрози опстанокот на секторот“, смета Винсент Субилиа од Стопанската комора на Женева.

Сопственикот на еден ресторан, Стефано Фанари, за швајцарска телевизија изјави дека не може да продолжи понатаму со работењето ако треба перачите на садови месечно да ги плаќа 4.000 франци.

Тој вели дека неговата плата како главен готвач изнесува помеѓу 5.000 и 6.000 франци месечно.

“Немојте погрешно да ме сфатите. Не сум против тоа некој да заработува 4.000 франци месечно. Но постои граница, но оваа плата не можам просто да ја исплатам. Можам само да ја намалам саатницата на работниците. А јас за својата плата работам по 12 часа дневно. Многу се жртвувам“, изјави Фанари.

Зголемувањето на минималецот во кантонот го наметнале самите граѓани на Женева кои прво собрале потписи за спроведување на референдум по тоа прашање, а потоа на него поголемиот дел, од 58 спрема 42 % гласале за зголемување на минималниот износ на саатницата. Според законот, нивната одлука за женевскиот кантон е обврзувачка.

Фото: Freepik