Прилеп повторно домаќин на Поштенски маратон

5

posta

Градот Прилеп втора година по ред ќе биде домаќин на меѓународниот Поштенскиот маратон. Како и минатата, така и оваа година маратонот е под покровителство на Македонска пошта АД и Општина Прилеп, кои ќе бидат домаќини на трките кои ќе се одржат на 9-ти октомври.

„9-ти октомври е светскиот ден на Поштите и одржувањето на Поштенскиот маратон всушност претставува вклучување на Македонска пошта во меѓународното одбележување на Поштенскиот ден. Со него сакаме да ја подигнеме јавната свест за здравиот начин на живот како и за популаризирање на маратонското трчање и поштенската дејност кај нас“, велат организаторите и додаваат дека одборот на маратонот одлучи годинешната целокупна стартнина уплатена од страна на учесниците да биде донирана на фондот за помош на поплавените подрачја во Македонија, со што Македонска пошта и целокупната заедница на тркачи на долги патеки се вклучува во хуманитарните активности насочени кон ублажување на последиците од катастрофалната поплава која зафати неколку подрачја во Македонија.

Како единствен маратон во светот кој е тематски поврзан со поштенската дејност, годинешните трки ќе бидат организирани во три различни категории од 5 км (трка), 21 км (полу-маратон) и 42 км (маратон).

Еден месец пред одржувањето на маратонот, официјални претставници на најголемата асоцијација за маратони во светот, Асоцијацијата на интернационални маратони и трки на далечина (AIMS- Association of International Marathons and Distance Races) ќе ја сертифицираат патеката на Поштенскиот маратон, по што тој ќе биде и нејзин официјален член. Со ова Поштенскиот маратон ќе биде поставен на листата на светски познатите маратони и ќе привлече маратонци од целиот свет.

Пријавувањето на сите заинтересирани тркачи ќе се врши на веб страната на маратонот www.postalmarathon.com, а стартнината изнесува 300 денари за натпреварувачи во полу- маратонска и 600 денари за натпреварувачи во маратонска трка. И оваа година за најуспешните маратонци, организаторот обезбеди вредни награди чијшто фонд ќе биде објавен на веб страната на маратонот.