Прилепска пиварница со нова инвестиција

125

big-01Прилепската пиварница инвестираше 7,5 милиони евра во нова линија за полнење пиво и газирани пијалаци во стаклена амбалажа, што претставува најголема инвестиција на оваа компанија во една година. Новата линија е се уште во фаза на монтажа.

Инвестицијата се состои од 15 машини кои се набавени од компанијата Кронес од Германија, и се единствени од ваков тип опрема во Македонија.

“Оваа линија ни овозможува многу како пиварница. Станува збор за најголема инвестиција досега од постоењето на Прилепска пиварница направена во една година. Со новата линија се зголемуваат можностите на пиварницата, техничкиот капацитет скоро да се дуплира од веќе постоечкиот, а од друга страна се заштедува енергија и вода. Со оваа инвестиција пиварницата станува еколошки поефикасна, а ние како компанија и понатаму сме единствени по многу нешта во Македонија, изјави генералниот менаџер на Прилепска пиварница”, Сашко Самарџиоски.

Како што посочи Самарџиоски, нивната стратегијата за развој се покажала како доста успешна последниве неколку години.

“За кус временски период имаме неколку значајни инвестиции во пиварницата со што се искачуваме на самиот врв во однос на квалитетен производ”, рече тој.

Последниве десетина години инвестирани се околу 30 милиони евра во Прилепска пиварница, и тоа во опрема за филтрација и стабилизација на пиво (позната како бескиселгурна филтрација), опрема за обработка на вода, за одлежување, матурација и стабилизација на пивото, инвестиции во нови производи и друго.