Приватните пензиски друштва лани акумулирале една милјарда евра

26

Една милијарда евра се акумулирани во приватните пензиски друштва во текот на минатата година, покажуваат податоците од Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување за 2018 година што го презентираше МАПАС.

Во текот на 2018 година, во пензиските друштва од вториот пензиски столб имало 490.035 членови на просечна возраст од 35 години, што претставува пораст од 7% во однос на 2017 година и 85% од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОСМ, е образложено во Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС.

Вредноста на средствата на задолжителните пензиски фондови за 2018 година, во однос на претходната година, порасна за 13 проценти и достигна 64 милијарди денари.

Вкупните средства на задолжителните и доброволните пензиски фондови достигнаа околу 10% од бруто домашниот производ за 2018-та година што го вбројува капитално финансираното пензиско осигурување во релативно млади пензиски системи, базирани врз индивидуални заштеди, со голем потенцијал за понатамошен раст.

Како што појаснија од МАПАС, средствата во 57% од случаите ги инвестираат во хартии од вредност, во депозити 11% и во акции 3%. Во странство се инвестирале 6% и тоа во акции, а 21% во удели во инвестициски фондови.

“Од вториот пензиски столб во 2018 година се исплатени 314 пензии и исплати за членовите во втор столб, во најголем дел за остварено право на семејна пензија поради починат член на семејство или инвалидски пензии. Само за мал број членови била остварена старосна пензија преку вториот столб, преку програмирани повлекувања“, изјавија од МАПАС.

Од МАПАС дополнуваат дека во текот на минатата година вредноста на средствата во доброволниот пензиски столб била 25 милиони евра на сметките на вкупно 24.388 членови. Лани била остварена 281 исплата на надоместок од третиот столб, во најголем дел поради старост и во најголем дел како еднократни исплати.