Македонската Влада планира наскоро да предложи две законски измени со кои ќе се реши статусот на професионалните војници по завршување на службата, како и на лицата кои останале невработени во компании во доминантна државна сопственост, чиј број изнесува околу 7.000.
„Владата го задолжи Министерството за одбрана во рок од 10 дена да предложи законска рамка со која професионалните војници по завршување на службата на 45 години ќе бидат прераспределени на работа во државна служба“, изјави премиерот Никола Груевски.
Тој појасни дека во зависност од квалификациите на професионалните војници тие би можеле да бидат прераспределени во некоја од службите на министерствата, на пример во чуварската служба на МО, во МВР во граничната полиција, во Министерството за правда, во затворска или судска полиција, во Министерството за земјоделие во шумската полиција и слично. Со мерките е предвидено професионалните војници по завршувањето на нивната служба да добијат решение за државна работа, да бидат редовно вработени, да продолжат да земаат плата се до нивното пензионирање.
Тој оцени дека оваа мерка ќе придонесе за поголема мотивираност на војниците, кои ќе бидат и порелакесирани додека ги вршат професионалните задачи. Груевски потсети дека Владата и пред една ипол година им излегла во пресрет на барањето на професионалните војници за кревање на возраста за служење од 38 на 45 години.
Премиерот информираше дека Владата ги задолжила Министерствата за економија и за труд и социјална политика во рок од 10 дена да изготват законска рамка за целосно решавање за проблемот на стечајците кои произлегле од фирми кои биле во доминантна државна сопственост. Потсетувајќи дека Владата претходно донесе закон со кој се реши прашањето на лицата кои останале без работа во периодот од 2000 до 2004 година, Груевски истакна дека со законските измени ќе бидат опфатени и лицата кои до 31.12 2013 година останале технолошки вишок во некоја државна фирма.
„Увидовме дека постои дел од работници кои не се опфатени со овој закон, односно не биле конечно завршени постапките заради кои останале невработени“, рече Груевски.
Тој нагласи дека ова решение нема да важи за невработените кои останале без работа во фирми кои не се во доминантна државна сопственост. Стечајците со законската измена ќе добиваат надомест од најмалку 7.100 денари, односно 34% од просечната плата. Средствата за ова намена ќе бидат обезбедени од буџетот. Предложените мерки се очекува во февруари да влезат во собраниска процедура.