Прочитајте ги овие видови полиси за осигурување на живот, пред да направите животно осигурувањe

414

Осигурувањето на живот е вид осигурување кај кое престанокот или траењето на животот на едно или повеќе лица (осигурени) доведува до исплата на осигурената сума од страна на осигурувачот.

Осигурувањето на живот претставува договор со којшто осигурителот се обврзува да му исплати на корисникот на осигурувањето одредена сума или рента во случај на смрт на осигуреникот или во случај на негово доживување на договорениот временски период. Лицето кое склучува договор за осигурување на живот се нарекува договарач на осигурување. Лицето во чија корист се склучува договорот за осигурување на живот се нарекува корисник на осигурување. А лицето од чие доживување или смрт зависи исплатата на осигурената сума се нарекува осигуреник.

Во праксата најчесто се среќаваме со следните видови полиси за осигурување на живот:

  • Осигурување во случај на смрт (ризико)
  • Осигурување во случај на доживување
  • Мешано осигурување
  • Рентно осигурување

Доколку е склучена полиса за Осигурување во случај на смрт, т.н. ризико полиса, осигурената сума се исплатува на корисникот или корисниците на осигурувањето само во случај на смрт на осигуреникот во договореното траење на осигурувањето. Доколку осигуреникот го доживее рокот на којшто е склучена таквата полиса или настапи смрт после датумот назначен во полисата како датум на истек на осигурувањето, тогаш тој нема право на исплата на осигурената сума.

Долната граница на пристапна старост на осигуреникот за осигурување на живот каде што е вклучен ризикот од смрт најчесто е 14 години, а горната граница на пристапна старост е 65 години и при тоа можат да се осигураат потполно здрави лица. Болни лица и лица постари од 65 години можат да се осигураат исклучиво со лекарски преглед и врз основа на посебни услови за осигурување на зголемен (анормален) ризик.

Кај полисата за Осигурување во случај на доживување, осигурената сума се исплатува само во случај ако осигуреникот го доживее договорениот рок. Доколку кај осигуреникот настапи смрт за време на траењето на договорот, корисникот, односно корисниците од полисата за осигурување немаат право на исплата на договорената сума. Во праксата овој вид осигурување најчесто се договара во комбинација со поврат на уплатената премија во случај на смрт.

Кај полисата за мешано осигурување, осигурената сума се исплатува на корисникот или корисниците на осигурување доколку кај осигуреникот настапи смрт за време на траењето на осигурувањето или, пак, на крајот на договореното траење на осигурувањето, доколку осигуреникот е сè уште жив. Со склучување на полиса, осигуреникот има право на исплата на одредени периодични (месечни, квартални, односно годишни) износи во текот на одреден период или доживотно, во зависност од видот на полисата. Висината на рентата е однапред одредена во договорот, а може да биде еднаква во секој период, растечка или опаѓачка. Почетокот на исплата на рената може да биде после потполна уплата на премијата, веднаш или по истекот на одредено време утврдено во договорот. Овој вид осигурување најчесто се склучува како дополнување на пензиското осигурување.