Продадени сите 48 градежни парцели во индустриската зона Раброво

54

Големиот интерес на инвеститорите за индустриската зона Раброво резултира со купување на сите 48 градежни парцели, што претставува најдобар индикатор за поволните услови кои беа понудени од страна на општина Валандово, јавува Миа.

Дел од регистрираните фирми на стопанствениците од регионот и странство се занимаваат со текстилно производство и сите се извозно ориентирани. Во зоната е најавено и производство на соларна енергија од страна на приватни инвеститори кои веќе инсталираа соларни панели со капацитет за производство на два мегавата електрична енергија годишно.

Слободни парцели за нови инвеститори моментно нема, но тие за општината се добредојдени, заради што се преземаат активности за обезбедување услови. Од локалната самоуправа информираа дека во фаза на изработка е урбанистичкиот план за нова индустриска зона кај Јосифово. На инвеститорите ќе им бидат понудени седум парцели за изградба на стопански објекти на локација во близина на автопатот Е – 75 која има одлична инфраструктурна поврзаност.