
Глобалната продажба на целосно електрични и plug-in хибридни возила порасна за 31 отсто во 2023 година, што е намалување од 60 отсто раст во 2022 година, според истражувањето на Rho Motion.
„Темпото на раст забавува, но тоа треба да се очекува на растечките пазари како овој. Не можете да ги удвојувате бројките секоја година“, изјави за Ројтерс Чарлс Лестер, менаџер за податоци на Rho Motion.
Лестер додаде дека глобалната продажба на електрични возила минатата година е во голема мера во согласност со прогнозата за раст од 30 проценти од Rho Motion.
За 2024 година, компанијата предвидува раст на глобалната продажба на електрични возила меѓу 25 и 30 проценти.
Се очекуваат поевтини модели
Продажбата во декември достигна месечен рекорд од 1,5 милиони продадени возила, објави Rho Motion.
Целосно електричните возила или електричните возила со батерии сочинуваа 9,5 милиони од 13,6 милиони продадени возила ширум светот во 2023 година, а останатиот дел го опфаќаат plug-in хибридите.
По долгогодишен брз раст, некои автопроизводители стравуваат дека продажбата на електрични автомобили во Европа и на други места може да биде упатена кон забавување на побарувачката бидејќи возачите чекаат подобри, помали и поевтини модели кои би можеле да се појават за две до три години, пренесува Фена.











