
Продажбата на возила „Тесла“ во Соединетите Американски Држави падна во ноември на најниско ниво за речиси четири години, и покрај воведувањето на нови, поевтини верзии на најпродаваните модели, покажаа проценките на „Кокс Аутомотив“.
Овие попристапни варијанти, наречени Стандард, се клучни за стратегијата на Тесла, тест за тоа како компанијата може да ја одржи продажбата и приходите додека постепено преминува на роботакси и хуманоидни роботи, проекти за кои инвеститорите ја проценуваат фирмата на 1,4 трилиони долари, објавува Ројтерс.
Пазарот на електрични возила како целина бележи пад од крајот на септември, кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги укина федералните субвенции од 7.500 долари. Како одговор, Тесла лансираше поедноставени верзии на Model Y и Model 3 во октомври, околу 5.000 долари поевтини од претходните основни модели.
Сепак, наместо да се зголеми продажбата, вкупните испораки на Тесла паднаа за речиси 23 проценти на 39.800 возила од 51.513 една година претходно, што е најниско ниво од јануари 2022 година. Вкупната продажба на електрични автомобили во САД падна за повеќе од 41 процент во ноември.
„Овој пад јасно покажува дека нема доволно побарувачка дури и за верзиите Standard, кои требаше да ја компензираат загубата по укинувањето на субвенциите“, соопшти Кокс Аутомотив. Експертите проценуваат дека стандардните модели ја поткопуваат и продажбата на поскапите верзии, особено Модел 3, и дека на Тесла итно ѝ е потребен нов модел на автомобил.
По години раст, испораките паднаа за прв пат минатата година поради високите каматни стапки, послабата побарувачка и посилната конкуренција, особено во Европа и Кина. Се очекува продажбата на автомобили на Тесла повторно да падне оваа година. Тесла долго време не претстави целосно нов модел, Сајбертракот се продава лошо, а остатокот од понудата се состои од постари модели кои се само малку освежени.











