Продлабочување на економските односи со Романија

19

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Романија, Адела Монија Аксинте, со која разговараа за евро-интегративниот процес на Република Северна Македонија и потенцијалната економска соработка помеѓу двете земји.

Вицепремиерот Битиќи и честиташе на Аксинте за новата позиција, посакувајќи и успех, а изрази очекување за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, но и поддршка од Романија, како една од поновите членки во ЕУ, за споделување на искуства особено во економската интеграција кон ЕУ.

Амбасадорката Аксинте потсети дека во оваа година 20-та годишнина од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Романија, а нагласи дека на врвот од приоритетите во текот на нејзиниот мандат ќе биде токму продлабочување на економските односи. Таа додаде дека Северна Македонија може да очекува целосна поддршка во евро-интегративниот процес од Романија, во секој можен аспект.

Вицепремиерот посочи дека постои голем потенцијал за унапредување на соработката, потенцирајќи неколку сектори, како што се евентуални инвестиции во производството од романски компании во земјата, но и можно учество на фирми од оваа земја во реализација на проекти од инфраструктурата, енергетиката, земјоделството.

Владата на Република Северна Македонија креира целосна предвидливост, посочи вицепремиерот и додаде дека се креираат квалитетни економски политики за директна поддршка на инвеститорите, особено високо технолошките и извозно ориентирани компании, но и се унапредуваат царинските и даночни политики, со што целосно се влијае на попозитивна деловна клима во земјата.

Битиќи и романската амбасадорка Аксинте, се согласија да продолжат со поинтензивна комуникација и заеднички да работат на креирање на модалитети со кои ќе се унапреди економската соработка помеѓу земјите, стои во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.