Продолжува соработката на македонската и француската платежна агенција

20

francusko-makedonski-znaminja-300x138Соработката помеѓу Француската платежна агенција и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и понатаму ќе продолжи.

Имено, вчера во Париз протоколот го потпишаа директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој  Тони Димовски, неговиот француски колега директорот на Агенцијата за услуги и плаќања Едвард Жоса и Силвиа Хубин Дедени од Национална установа за производите од земјоделството и морето на Франција.

Според соопштението во Агенцијата, со протоколот за партнерство се дефинираат меѓусебните односи меѓу страните во областа на управувањето со пазарите на земјоделските производи, директна помош за земјоделците и мерките за рурален развој, како и во областа на административната организација.

Трилатералниот протокол воедно ги регулира и размената на информации поврзани со економските перспективи за развој, како и стручната соработка во доменот на имплементација на мерките за директни плаќања во земјоделството, размената на искуство во областа на руралниот развој во Македонија и Франција, културна, едукативна, научна и техничка соработка.

Истиот е во функција на продлабочување на соработката во областа на финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој и пристапување на Република Македонија кон Европската Унија.

Во соопштението се додава дека соработката ќе се одвива преку постојани заемни посети и средби со Француската платежна агенција и останатите институции од Република Франција.