Продуктивноста на работните места и во општеството зависи од инвестициите во човечкиот потенцијал

48

Еден од предизвиците за нашата земја е зголемување на продуктивноста. Затоа зборуваме за инвестирање во човечки капитал, односно колку сме вложиле во надградување на луѓето, колку сме го искористиле нивниот целосен потенцијал на работните места и во општеството воопшто.

Ова го посочи министерката за финансии, Нина Ангеловска зборувајќи на панел дискусијата Македонците кои се искачуваат во бизнис елитата на самитот Македонија 2025, којшто се одржи во Скопје.

“Продуктивноста е насочена кон креирање вредност. Вредноста не мора секогаш да се проценува во пари, парите се еден од резултатите. Продуктивноста не е нешто што се случува само од себе, тоа е посветеност, планирање, самодисциплина. Една од работите кои се предизвик за нашата земја е да ја зголемиме продуктивноста. Затоа зборуваме за инвестирање во човечкиот капитал, односно во развојот и колку можеме да го користиме потенцијалот. Тоа на крајот се одразува на тоа колку сме продуктивни на нашите работни места, во животот, колку сме продуктивни како општество во целина и колку придонесуваме за развој на нашата земја“, рече Ангеловска.

Зборувајќи за лидерството таа посочи дека е најважно да се имаат организациони способности, способност да се сослушаат останатите и да се биде грижлив за тоа како се чуствуваат вработените, како и да се извлече најдоброто од нив.

“Да имате ’емоционална интелегеција’ и да се грижите за луѓето, да бидете поддршка за своите вработени, тоа е многу важно во лидерството. Добриот лидер е оној кој е способен да создаде нови лидери и да биде среќен за успехот на другите луѓе“, рече Ангеловска.

Таа посочи дека и менторството е важно за креирање на кадри кои ќе можат да одговорат на соодветните потреби на организацијата или институцијата.