Проект City Tree Македонија – зелени билборди за прочистување на воздухот во Скопје и Тетово

94

1

City Tree или во буквален превод Градско дрво е вертикална структура од мовови, со висина од 4 метри, ширина од 3 метри и длабочина од 60 сантиметри. City Tree претставува комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон и имаат способност да неутрализираат 240 тони CO2 годишно.

Во Македонија загадувањето на воздухот е значително во последните неколку години. Проектот CityTree ќе помогне во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје и во Тетово, со можност да се реплицира и во други градови.

Проектот City Tree го спроведува Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест од Скопје во соработка со Германска Амбасада и Град Скопје. Со проектот се планира инсталација на две City Tree структури во Скопје и Тетово, кои се обезбедени со помош на донации на македонски и странски компании, како Пакомак, Везешари, ЕДС, ПроКредит Банка, ДХЛ, Кнауф и ДиМед.

2

Како што беше истакнато на денешната прес конференција, на која зборуваа Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на Еко-свест, НЕ Кристине Д. Алтхаузер, Амбасадор на Република Германија и Цветанка Икономова – Мартиновска, раководител на секторот за заштита на животна средина и природа на Град Скопје, инсталацијата во Скопје чини 25.000 евра и ќе биде поставена во центарот на градот. City Tree има пропустлива структура која има способност да ја успори брзината на ветерот. Мововите и васкуларните растенија ја привлекуваат и фаќаат ситната прашина, а потоа ја претвораат во фитомаса која ја користат како храна.

Овој растителен филтер го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина. City Tree има ист ефект како 275 дрва.

Благодарение на соларните панели и системот за фаќање на дождовни води, оваа структура е практично самоодржлива и потребно е сервисирање од само неколку часа годишно.

Конструкцијата содржи и сензори за собирање на податоци од важност за животната средина и климата со цел да ја регулира и контролира целата структура и да се осигура растенијата да преживеат.

За да се обезбеди профитабилност на производот, овозможена е опција за имплементирање на визуелни и дигитални информации за маркетинг кампањи на вертикалниот растителен ѕид.

Досега City Tree е успешно инсталиран во повеќе европски градови во Норвешка, Франција, Германија и Кина.