Проектот Xenon е нов ексклузивен станбено – деловен објект во Белград, пишува Екапија.
Станува збор за комплекс којшто, како што се наведува, претставува нова димензија и светски стандард во изградбата на објекти од ваков вид. Во близина на објектот ќе има градинка, основно и средно училиште, како и пазар, супермаркети, главна градска сообраќајница, излез кон автопат и одлична комуникација со сите делови од градот.
“Вкупната површина на објектот е 6.500 метри квадратни, од кои станбениот и деловниот простор заземаат 4.000 метри квадратни, а хотелскиот околу 2.500. Изградбата започна во 2013 година и зградата е целосно завршена… Планирано е првите станари зградата да ги прими на 30-ти март оваа година“, вели Бранко Симовиќ, дел од инвеститорите на овој проект.
Во зградата има специфично греење и ладење преку ѕидовите и подовите, специјална KNX инсталација што овозможува далечинско управување со сите системи на паметната зграда. Тука е и метеоролошката станица, којашто по желба може да управува со деловните објекти, така што постои можност за автоматско спуштање и подигнување на ролетните, како и вклучување и исклучување на греењето, што значи 30% заштеда на енергија.
Зградата се грее преку топлотни пумпи вода – вода и воздух – вода, што се сметаат за најефикасен и најрентабилен начин на греење со најниски трошоци за енергија.