Проектот Луково Поле претставен пред Светска Банка

66

7c7b9a5d-3f8b-49ce-a7cf-c6eebf10d4a4Министерот за економија Ваљон Сарачини денес, пред претставници на мисијата на Светска Банка, ги престави Реализацијата на проектот Луково Поле, статусот на изготвување на Извештајот за приоритетна енергетската инфраструктура, реализацијата на ГЕФ Проектот за одржлива енергија и реализација на Националната програма за енергетска ефикасност на јавни згради во Македонија до 2019.

Сарачини на работната средба разговараше со претставници на мисијата на Светската Банка, предводена од Ласло Ловеј, директор на Секторот за одржлив развој при СБ во Вашингтон и Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на СБ во Македонија.

Во однос на проектот Луково Поле, кој треба да се финансира со кредит од СБ, од страна на преставниците на Банката беше укажано дека станува збор за добар проект и во заеднички интерес е тој да се реализира.

Други активности кои се превземаат се подобрување на техничката документација, презентација на проектот и разговори со невладините организации и локалното население, како и изработка на ESIA Студијата за влијание врз животната средина, која ќе биде од големо значење за донесување на конечна одлука околу финансирањето на овој проект. На средбата беше разговарано и за потребата да се известат соседните земји за намерата да се реализира овој проект.

Се разговараше  и за Извештајот за приоритетна енергетската инфраструктура за период од 10-15 години, кој го изготвува СБ на барање на македонската влада.

СБ реализираше мисија во периодот од 8-20 април со цел за изготвување на предметниот извештај, при што одржа состаноци со претставници на неколку ресорни министерства, Регулаторната комисија за енергетика, енергетските претпријатија и МАНУ.

Врз основа на првичните информации кои што ги собра, Светска банка изготви првични согледувања за натамошниот развој на енергетскиот сектор во Република Македонија. Нацрт извештајот ќе биде доставен до надлежните институции до 10 јуни, а на 14 јуни ќе биде одржана работилница, во организација на Светска Банка.

Во врска со Реализацијата на ГЕФ Проектот за одржлива енергија, министерот ја нагласи добрата меѓусебна соработка во неговата реализација, при што изрази очекување дека СБ, со експертска и финансиска помош, ќе ја поддржи и реализацијата на Националната програма за енергетска ефикасност на јавни згради во Македонија до 2019 (прва фаза).

Финансиската поддршка за реализација на оваа програма ќе се одвива преку Фондот за енергетска ефикасност, за што е побарано од Светска Банка финансиска поддршка во форма на грант и експертска поддршка за негово основање и функционирање.