
Проблемот не е само во распределбата на буџетските средства, туку исто толку и на страната на собирањето на средства во буџетот. Обете страни на буџетскиот процес и на целиот буџет во Македонија, се проблематични и треба да се реформираат. Тоа е една огромна и тешка работа, но кај нас ниту се започнува со работење на неа, вели во интервју за „Локално“, економскиот експерт и универзитетски професор Ванчо Узунов за тековниот ребаланс на Буџетот и распределбата на буџетските средства.
Според него, параметрите за покачување на некои плати и на пензиите се одраз само на потребите на политичките партии на власт во пресрет на локалните избори. Тврди дека ниту се реални, ниту пак ќе значат некое одржливо подобрување за оние што ќе ги добијат.
-Од тоа што го гледам јас на терен, всушност не се случува ништо особено поврзано со средствата за општините од заемот од Унгарија. Но, некој може да рече дека јас не гледам добро. Во секој случај, тие „проекти“ не се ништо друго освен уште едно глумење во функција на локалните избори. Така проекти за развој на општини не се прават. Прво, не е работа на владата да финансира проекти на локален развој, тоа е работа на општините, секоја одделно за себе. Инаку, зошто воопшто имаме општини и локален развој, ако (централната) влада ја зема работата за наоѓање на средства на себе? Второ, кој воопшто ја истражува оправданоста на тие вложувања? Никој. Трето, до каде се тие проекти? Нема никакви реални информации, вели професорот запрашан за земањето на двата големи заеми од Унгарија и Велика Британија и искористеноста на средствата од страна на општините.
Узунов потенцира дека инфлацијата, особено во делот на прехрамбените производи, останува да биде голем проблем за голем број граѓани, но, се плаши дека таквата состојба нема лесно и наскори да се промени на подобро.
-Замрзнувањето на цените, или фиксирањето на трговските маржи, не дава добри резултати, односно, не дава трајни резултати. Веднаш по истекот на тие мерки, проблемот со растот на цените се враќа назад, веројатно како уште поголем од претходно, додава соговорникот.