Професор од Македонија ќе развива иновативна војничка униформа за НАТО

Професорот Игор Јорданов од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје доби проект од НАТО за изработка на униформa од текстил кoja ќе биде огноотпорна, ќе штити од микроорганизми и УВ-зрачење, а преку промена на боја ќе детектира нервни гасови.

“Во НАТО можеме да придонесуваме и како иноватори и како луѓе од науката и да покажеме дека државата има што да понуди и на овој план“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по средбата со професорот Јорданов за проектот за иновативен високо-технолошки текстилен материјал за војничка униформа, наменет за припадниците на Армијата и за земјите-членки на Алијансата, поддржан од Програмата на НАТО – Наука за мир и безбедност.

Професорот Јорданов појасни дека овој проект има за цел да развие повеќе функционална униформа што ќе биде огноотпорна, ќе штити од микроорганизми и од УВ-зрачење и што е најбитно ќе детектира нервни гасови со промена на самата боја.

“Овие својства ќе се постигнат со новата слој-по-слој техниката за нанесување нанопремази на површината на ткаенината, со користење на хемикалии кои се отпад од индустријата, користејќи го концептот на циркуларната економија. Овие нанопремази овозможуваат да се постигнат бараните својства, а униформата да биде лесна и да ги задржи своите комфорни својства“, изјави во оваа прилика професор Јорданов

Тој информира дека е предвидено според НАТО програмата двајца млади истражувачи од нашата држава, двајца од Србија и двајца од САД да бидат вклучени.

“НАТО ги финансира младите истражувачи да бидат дел од истражувачкиот тим. Тоа е еден од главните услови и освен нашите научници што ќе одат во САД и во Србија и останатите млади истражувачи ќе дојдат кај нас за да бидат обучувани за одреден дел од проектот“, изјави професорот Јорданов.

Шекеринска изрази задоволство што после еден подолг период, како што рече, денеска покажуваме дека нашата земја не е само воена сила која што може да придонесува во НАТО-Алијансата, туку во Алијансата можеме да придонесеме и како иноватори.

“Во успехот на професорот Јорданов и целиот негов тим да кажам дека ова го сметаме и како повик до сите истражувачи, до сите научници да ја пробаат шансата која што ја дава НАТО програмата Наука за мир, програма која што и претходно беше отворена за нас, но сега како земја членка можеме да бидеме дури и предводник на ваквите тимови“, рече Шекеринска.

Таа ја повика академска заедница да бидат поангажирани и да знаат дека ќе ја добијат секогаш поддршката на државата, на Владата и на МО.

“Нашите планови за 2022 година се уште поамбициозни. Би сакале и во буџетите за одбрана да обезбедиме еден дел од средства коишто ќе ги намениме за поддршка на домашните научници и домашната наука, а се со цел и ние да го следиме чекорот на НАТО кој се повеќе се врти кон иновации кои се важни во одбраната и коишто ќе значат дека Алијансата и ние како нејзина членка нема да го изгубиме чекорот со технолошкиот развој кој ја дефинира и нашата безбедност. Така што сакам да честитам навистина на професорот, а воедно и да ги поддржиме нашите научници“, нагласи министерката Шекеринска.

Фото: Pixabay