Профитот на Amazon во вториот квартал изнесува 6,7 милијарди долари

36

Компанијата Amazon објави дека нејзината добивка за вториот квартал, од април до јуни, изнесува 6,7 милијарди долари или 65 центи по акција.

Тој резултат ги надмина очекувањата на Волстрит, кој прогнозираше добивка од 30 центи по акција.

Ова е значителна промена во однос на вториот квартал од минатата година, кога Amazon забележа загуба од две милијарди долари или 20 центи по акција.

Вкупните приходи на Amazon за вториот квартал се зголемија на годишно ниво за 11 отсто на 134,4 милијарди долари, додека аналитичарите од агенцијата „Рефинитив“ предвидуваа приход од 131,5 милијарди долари, пренесува Танјуг.

Ова е највисок приход на Amazon од четвртиот квартал на 2020 година.

Приходите од веб-услугите на Amazon (AWS) пораснаа за 12 отсто на годишно ниво на 22,1 милијарди долари, а приходите од рекламите беа 10,7 милијарди долари.

Шефот на оваа компанија, Енди Џеси, кој ја презеде функцијата од Џеф Безос во 2021 година, значително ги намали трошоците.

Бројот на вработени во Amazon на глобално ниво падна за четири отсто на годишно ниво во вториот квартал, на 1,46 милиони работници.