Профитот на шведскиот моден гигант во првиот квартал ги надмина очекувањата! Акциите скокнаа за 14 отсто

63

Шведскиот текстилен гигант Hennes & Mauritz (H&M) во трите месеци до крајот на февруари оствари 1,2 милијарди круни (околу 105 милиони евра) нето добивка, што е двојно повеќе од истиот период лани. Приходите се намалени за два отсто на 53,7 милијарди круни (4,7 милијарди евра).
„Благодарение на контролата на трошоците и блиската соработка со нашите добавувачи, денес сме во подобра позиција“, изјави извршниот директор на H&M, Даниел Ервер, при објавувањето на резултатите од првиот квартал од финансиската година. Како што додаде, тие се целосно фокусирани на понатамошен раст.

Оперативниот профит се зголеми речиси тројно на 2,1 милијарди круни, при што H&M значително ги надмина очекувањата на аналитичарите. Тие предвидуваа дека ќе застане на 1,3 милијарди круни во првиот деловен квартал.

Приходите паднаа за два отсто, но како што истакнуваат од H&M, нивниот раст е веќе забележан во првите недели од март.

Ервер го презеде кормилото на компанијата претходно оваа година, откако Хелен Хелмерсон се повлече од функцијата по четири години на чело на H&M. H&M, вториот најголем производител на облека во светот по сопственикот на Zara, Inditex, ја затвори минатата деловна година под очекувањата.